Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска информираше дека Владата го донела ребалансот на буџетот за 2020 година, чија цел е, како што рече, да ги финансира мерките за надминување на последиците од КОВИД-19 кризата и да го забрза процесот на опоравување на економијата.

Спореа Ангеловска, новите мерки и активности ќе бидат катализатор, забрзувач на процесите во периодот на опоравување, кој треба да започне во третото тримесечје, а да се интензивира во четвртото тримесечје.

Со новиот ребаланс, приходната страна на буџетот се намалува за 11,5% и истата ќе изнесува 196,8 милијарди денари (3,2 милијарди евра), додека расходната страна се зголемува за 1,4% и истата изнесува 242,9 милијарди денари (3,95 милијарди евра).
Буџетскиот дефицит е проектиран на 6,8% и ќе изнесува рекордни досега 750 милиони евра.

Министерката за финансии, Ангеловска истакна дека на расходната страна се додаваат средства за соодветните КОВИД програми.

„Се проектираат дополнителни 3 милијарди денари на КОВИД програмата во Влада за спроведување на таргетирани мерки за стимулирање на приватната потрошувачка на граѓаните со фокус на домашната економија и поддршка на приватниот сектор и на работниците во фазата на опоравување на економијата. Дополнителни 600 милиони денари за програмата КОВИД во Министерство за економија се наменети за мерки за поддршка на приватната потрошувачка на граѓаните и домашниот македонски туристички сектор. За социјална заштита поврзана со ефектите од КОВИД-19 се распоредуваат 350 милиони денари, а исто толку и за Фондот за здравство. За Министерство за здравство за зајакнување на здравствените капацитети за откривање на болести преку обезбедување на техничка експертиза, лабораториска опрема и системи за откривање на случаи во согласност со упатствата на СЗО и операционализација на дополнителни легла се предвидени 300 милиони денари. За Министерство за образование има обезбедено дополнителни 350 милиони денари во КОВИД програмата со цел поддршка на младите и студентите со фокус кон ИТ и дигитални вештини. Алоцирани се 150 милиони денари за исплата на надомест за невработеност во Агенцијата за вработување и 60 милиони денари за национално кофинансирање за нова кредитна линија за фазата на опоравување преку Развојната банка на Северна Македонија“, рече Ангеловска.

Министерката Ангеловска информира дека Министерство за финансии подготвило три сценарија за приходната страна на буџетот и дека со новиот ребаланс се имплементира всушност најоптималното прво сценарио.

На расходната страна се предвидува зголемување на расходите на Министерството за економија, за образование, за здравство.
Други поголеми расходи се за исплата на платите, проектирани на ниво од 30,2 милијарди денари или за 0,4 милијарди денари пониско, како резултат на ефектот од преземените мерки, односно времената забрана за нови вработувања во државната администрација, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од корона вирусот.

Ангеловска информира дека расходите за стоки и услуги се намалени за 1,8 милијарди денари ( 29 милиони евра) во однос на планот за 2020 година, како резултат на мерките за сведување на минимум на сите трошења од Буџетот кои суштински и директно не се поврзани со справувањето од корона вирусот, без притоа да се наруши редовното подмирување на обврските на буџетските корисници, како и обезбедени се средства за спроведување на парламентарни избори во 2020 година.

Тековните трансфери се планирани на ниво од 166 милијарди денари (3,18 милијарди евра) или за 9,6 милијарди денари ( 156 милиони евра) повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат на преземените мерки за обезбедување на средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и директно помагање на приватната потрошувачка.

Капиталните расходи со новиот ребаланс се планирани да изнесуваат 317 милиони евра и тие се намалуваат за 68 милиони евра во однос на планот за 2020 година, но министерката уверува дека се намалени капитални расходи кои се однесуваат најмногу на опрема, возила и слични кои не се суштински и директно поврзани со справување со кризата.

„Со ребалансот намаливме-односно ги релоциравме дополнителни 700 милиони денари со што капиталните расходи, кои се задржани на ниво од 19,5 милијарди денари, што е всушност на ниво на максимално реализирани капитални расходи во изминатите 10 години. Реализацијата на истите во време на оваа криза ќе одигра значајна улога во амортизирање на ударот врз економијата“, рече Ангеловска.

Финансирањето на буџетскиот дефицит ќе се сервисира со поволни средства од меѓународни финансиски институции, повлекување на средства на домашен пазар преку државни хартии од вредност, како и со излегување со еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал во износ од 800 милиони евра.
Очекувањата на Владата се македонската економија годинава да падне 3,4%.

„Од она што досега го нотираат меѓународните финансиски институции, земјава добро се справува со кризата – ова се првични проекции, кои како ќе бидат реализирани ќе зависи пред се од мерките и нивната реализација. Затоа третиот сет на мерки, кој е насочен кон потрошувачката на домашно, кон поттикнување на ревитализацијата на економијата ќе одигра клучна улога во крајниот економски резултат. Фундаментите се поставени и сега ќе зависи од нас институциите, но и од сите нас заедно граѓаните, стопанството, да го фатиме моментумот на отворање на економијата и максимално да го искористиме. Мерките ќе бидат катализатор кој ќе го забрза тоа и ќе ги зајакне ефектите“, вели Ангеловска.