Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) во целост ги отфрла навредите и квалификациите на компанијата Макпетрол за членовите на РКЕ и истите ги толкува како емотивна и неаргументирана реакција во отсуство на реално образложение на барањето на компанијата за зголемување на маржата.
Од Регулаторна комисија ја известуваат јавноста дека со Одлуката за густини и маржи на нафтените деривати објавена во Службен весник на 22 октомври 2020 година се отсликува реалната состојба на пазарот на нафтени деривати и овозможува цените на нафтените деривати да ги штитат и интересите на потрошувачите и интересите на трговците.
“Доколку РКЕ постапеше по барањата на трговците за зголемување на маржата, тоа во пракса ќе значеше и зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во износ од над 2 денари по литар”, велат од Регулаторна, и додаваат дека одлучиле да ја задржат постојната трговска маржа со цел да ги заштити интересите на крајните потрошувачи, а особено земајќи ја во предвид економската криза поради пандемијата од Ковид 19.
Од Регулаторна велат дека и понатаму ќе ја следат состојбата на пазарот со нафтени деривати и ако е потребно ќе преземат соодветни чекори согласно своите надлежности со единствена цел да ги заштити интересите и на потрошувачите и на трговците.
“Либерализацијата на пазарот на нафтени деривати не е во надлежност на РКЕ. Либерализираните пазари во соседните земји имаат повисоки цени на нафтените деривати во износи од над 20% од цените во Република Северна Македонија.
Ако сега во услови на монополска позиција на пазарот со нафтени деривати, во Македонија се случи либерализација на овој пазар тоа ќе значи ценовен шок
за сите потрошувачи и удар на економијата”, велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Денеска во соопштение до јавноста од компанијата Макпетрол изразија несогласување со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.
„Во врска со одлуката на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ), донесена на 22 октомври 2020 година, за определување на ескалираната густина и деескалираната густина на секој нафтен дериват и гориво за транспорт, висината на надоместокот за премија, транспортините трошоци до склад во Република Северна Македонија, висината на надоместокот за трошоци за работење преку склад и трговска маржа со вклучени транспортни трошоци од склад до бензински станици и крајни потрошувачи, како компанија сакаме да го искажеме нашето несогласување, со истата“, стои во соопштението на АД Макпетрол .
Од Макпетрол АД побараа либерализација на пазарот, односно слободен пазар при формирање на цените на нафтените деривати.