Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) се подготвува да објави црна листа на снабдувачи со електрична енергија кои не ги почитуваат договорите со потрошувачите на слободниот пазар, најави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика во интервју за Утрински брифинг.

-Изминативе месеци цената на електричната енергија на светските берзи е зголемена и дел од снабдувачите поради тоа ги раскинуваат договорите со некои од компаниите пред време и има обиди да фактурираат по нови цени, а тоа не е дозволиво. Ги предупредивме, ќе почнеме и постапки за одземање на лиценци, а и ги разгледуваме можностите за да се објави црна листа за да можат да знаат потрошувачите кои снабдувачи имаат лошо поведение и не ги почитуваат договорите. Снабдувачот е обврзан да му даде услуга на потрошувачот по иста цена по договорот додека трае периодот на префрлување, односно свичинг кај нов снабдувач. Дотогаш не смее да му ја промени цената од договорот, изјави Бислимоски.

Бислимоски уверува дека цената на домаќинствата е стабилна и е гарантирана од страна на РКЕ.

Ценовен шок: Поскапуваат електричната енергија и гасот во Европа