Затворањето на економијата и мерките преземени за ограничување на движењата резултираа со најголем досега пад во македонската економија. Македонскиот Бруто домашен производ (БДП) во вториот квартал забележа пад од 12,7% во споредба со истиот период лани, што е рекордно најголем пад на БДП, покажуваат денеска објавените податоци на Државниот завод за статистика.

Во второто тримесечје годинава, пораст е забележан во секторите Земјоделство, шумарство и рибарство од 4,5 %, Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување; Образование; Дејности на здравствена и социјална заштита од 2,2 % и секторот Информации и комуникации од 0,9 %.

Најголем пад на БДП има во преработуваччката индустрија од дури 29,4%. Во трговијата на големо и мало има пад од 23,4% во вториот квартал. Во секторот финансиски услуги и осигурување има пад на БДП од 3,2%, додека во градежништвото има пад од 0,5%.

Финалната потрошувачка, како дел од БДП бележи пад од 9,2%, при што финалната потрошувачка на домаќинствата е намалена за 11,6%, додека финалната јавна потрошувачка бележи раст од 1,5% во второто тромесечје.
Бруто инвестициите во вториот квартал се намалени за 25,6%.

Ограничувањата во меѓународната трговија и затворањето на границите во вториот квартал резултираат со пад на извозот 31,3%, додека увозот во истиот период е намален за 29,6%.