Фитосанитарната инспекција на Република Српска забрани увоз на пратка свежо грозје со потекло од Македонија, во износ од 20.730 килограми, поради зголемената содржина на пестициди, објавува босанскиот портал Biznisinfo.
При редовниот преглед на пратката храна од растително потекло при увоз, надлежниот инспектор извршил земање мостри за лабораториска анализа со цел да се испитаат остатоците од пестициди, објави Инспекторатот на Република Српска.
Врз основа на извештајот за лабораториска анализа издаден од „Институтот за вода“ Бјелина, во кој беше испитано присуството на 180 активни супстанции, анализираниот примерок откри зголемено присуство на пестициди „фосмет“ над вредностите пропишани со Уредбата за максимално ниво на остатоци од пестициди во и на храна и добиточна храна од растително и животинско потекло.
Постапувајќи по резултатите од анализата, инспекторот донесе решение со кое се забранува увоз и нареди враќање на спорната пратка на испраќачот или уништување под надзор на надлежниот инспектор.
Надлежните инспектори посветуваат посебно внимание на сезонските производи, кои поинтензивно се увезуваат во одреден период од годината и кои се карактеристични за одредени сезони.
Инспекторатот потсети дека увозот на 6.842 килограми трпезно грозје од Албанија и 660 килограми свежа краставица од Македонија овој месец беше забранет поради зголеменото присуство на пестициди, додека увозот на 24 тони трговски компири со потекло од Полска беше забранет поради утврденото присуство на економски штетен организам.