Еден од најпознатите економисти во светот, Нуриел Рубини кој точно ја предвиде финансиската криза во 2008 година, сега верува дека коронавирусот ќе предизвика катастрофални последици за светската економија, а берзите ќе паднат од 30% до 40% заради епидемијата.
Тој во интервју за германски Spiegel вели дека оваа криза е многу потешка за Кина и остатокот од светот отколку што очекуваа инвеститорите од неколку четири причини.
“Прво, таа не е епидемија ограничена на Кина, туку е глобална пандемија. Второ, тоа е далеку од тоа да заврши. Ова има големи последици, но политичарите не го сфаќаат тоа. Доколку кинеската економија се намалила за 2% во првиот квартал, тоа ќе бара раст од 8 % во последните три квартали за да достигне 6% годишна стапка на раст, како што сите очекуваа пред да избувне вирусот. Ако растот е само 6% од вториот квартал наваму, што е пореално сценарио, тоа значи дека кинеската економија ќе расте само за 2,5% до 4 % годинава, што во суштина би значела рецесија за Кина и шок за светот”, вели Рубини.
Тој смета дека сегашниот одговор на политичарите е шега и покрај тоа што пазарите се уверени дека ќе има соодветен одговор за олеснување на ефектите од корона вирусот врз економијата.
“Вистината е дека на Европа и ќе беа потребни фискални стимулации дури и без кризата со корона. Италија веќе беше на работ на рецесија, како и Германија. Но, германските политичари не ни размислуваат за стимулации, и покрај тоа што земјата е толку изложена на Кина. Оваа криза ќе се прелее и ќе резултира во катастрофа” вели Рубини.
Според него, оваа криза е шок на страната на снабдувањето против кој не можат многу ефикасно да се борат ниту централните банки со монетарната или фискалната политика.
“Монетарните и фискалните мерки не помагаат многу кога немате сигурност за храна и вода. Ако шокот доведе до глобална рецесија, тогаш ќе следува и финансиска криза, бидејќи нивото на долг е многу високо”, вели Рубини.