Русија важи за земја која е многу зависна од увоз на храна. Годишно на рускиот пазар се увезуваат зеленчук и овошје во вредност од околу 5 милијарди долари.

Но, од 2015 година наваму, односно откако беше воведено ембаргото кон западните земји за увоз на храна, Русија прави големи напори да се зголеми домашното производство и да ја намали зависноста од увоз, што донекаде дава резултати.

Во 2019 година во Русија биле увезени 7 милиони тони свеж зеленчук и овошје, што е за 4% или за 1,5 милиони тони помалку во споредба со 2018 година, а за 17% помалку во споредба со 2013 година. Увозот на свеж зеленчук остана на исто ниво како и во 2018 година, додека увозот на свежо овошје се намали за 5%.

Овие волумени ја прават Русија трет најголем увозник на зеленчук и овошје во светот, по САД и Германија.

Од земјите што најмногу извезуваат зеленчук и овошје во Русија, најголем извозоник е Еквадор, како снабдувач со банани. Следат Турција, Кина, Азербејџан, Египет, Молдова и Мароко.

Што се однесува до Македонија, лани на рускиот пазар биле извезени 34 илјади тони свеж зеленчук и овошје, што е раст од 42% во споредба со претходната 2018 година. Во споредба, пак, со 2013 година извезените колични на свеж зеленчук и овошје од Македонија во Русија се зголемени за 217%.

Најголем извозник на зеленчук и овошје од регионот во Русија е Србија, која лани извезла 198 тони на рускиот пазар.

Русија во 2019 година увезла 5,5 милиони тони овошје, што е за 5% помалку во споредба со 2018 година, но за 12% помалку во споредба со увезените колични на овошје во 2013 година.

После бананите, второ најувезувано овошје се мандарините, кои најмногу се увезуваат од Турција. Трето најувезувано овошје се јаболките, а следат портокали, грозје, крушки, лимони и праски и нектарини.

Што се однесува до свежиот зеленчук, најувезувани се доматите, по што следат кромидот и морковите…

Во 2019 година Русија увезла околу 1,7 милиони тони зеленчук, што е иста количина како увозот во претходната 2018 година. Но, во однос на 2013 година, Русија лани увезла за 28% помали количини на зеленчук, што главно се супституирало со домашно производство, за што државата одобрува големи субвенции и помош.

Извор: Fruitandvegetablefacts.com