Извор: Bloomberg

Министерството за индустрија и трговија на Русија препорачало привремено да се стопира стопираат извозот и испораките на ѓубрива од земјата, објавува Wall Street Journal повикувајќи се на изјава од руското Министерство за индустрија и трговија дадена за руската агенција Тасс.
„Во моментов се наметнува ситуација кога поради саботажа на испораките од голем број странски логистички компании, земјоделците во Европа и други земји не можат да ги добијат договорените количини на ѓубрива. Ова создава очигледни ризици од неуспех на културите и, како резултат на тоа, недостиг на храна за западните земји – и источна Европа, Латинска Америка, јужна и југоисточна Азија. На крајот на краиштата, денес е или исклучително тешко, па дури и невозможно да се заменат руските ѓубрива“, се вели во изјавата од руското Министерство која ја цитира агенцијата Тасс.
Оваа одлука се заканува да предизвика големо пореметување на пазарот и дополнително да ги подигне цените на храната од сегашните рекордно највисоки нивоа бидејќи Русија, која се соочува со силни санкции од западните земји после инвазијата на Украина, е најголем производител и извозник на ѓубрива.
Според агро-аналитичката група Gro Intelligence, Русија е најголемиот светски извозник на азотни ѓубрива.

Цените на ѓубривата веќе растеа поради кризата со природниот гас во Европа што принуди некои производители да го намалат производството или, во некои случаи, да го затворат, бидејќи природниот гас е клучна состојка во правењето ѓубрива на база на азот.


Запрениот извоз од Русија би значел повисоки трошоци за производство за земјоделците ширум светот.

Свеин Торе Холсете, извршен директор на Yara International, една од најголемите светски компании за ѓубрива вели дека ситуацијата е сериозна и прашањето веќе не е дали се движиме кон светска криза за храна, туку колкава ќе биде таа криза.
„Веќе бевме во тешка ситуација пред војната… и сега тоа е дополнително нарушување на синџирите на снабдување и се приближуваме до најважниот дел од оваа сезона за северната хемисфера, каде што ќе бидат потребни поголеми количини ѓубрива. На земјоделските култури им требаат азот, фосфати и поташа за да растат. Вкупно, 25% од европската понуда на овие три хранливи материи доаѓа од Русија. Со нерамнотежа на геополитичките услови, најголемите извори на суровини за производство на храна во Европа се предмет на ограничувања и нема краткорочни алтернативи. Една потенцијална последица е тоа што само најпривилегираниот дел од светската популација добива пристап до доволно храна“, вели Холсете, кој повика на координирани акции за намалување на големата зависност од руски ѓубрива.

„Половина од светското население добива храна како резултат на ѓубрива… и ако тоа се отстрани од теренот за некои култури, приносот ќе се намали за 50%,“ вели Холсетер.

„Губењето на Русија и нивниот голем обем на извоз ќе биде сериозен шок за пазарот од страната на понудата“, вели Алексис Максвел, аналитичар во изјава за Bloomberg. Според Максвел, заменувањето на руските количини на ѓубрива во најдобар случај би траело речиси половина деценија, а во некои случаи се покажува речиси невозможно.

Потегот на Русија додава несигурност на глобалниот пазар кога земјоделците во Бразил – најголемиот увозник на вештачки ѓубрива во светот – веќе имаат проблем да се снабдат со ѓубрива за производството на земјоделските култури. Бразил е инаку најголем светски извозник на соја, кафе и шеќер, така што изгледите за намалена достапност на ѓубрива и повисоки трошоци може да ја влошат инфлацијата на храната.