Порталот EastFruit во анализа на неодамна одобрениот руски патоказ за развој на производство на овошје и бобинки до 2023 година, што вклучува создавање поволни услови за домашно производство на овошје и бобинки во земјата, објавува дека е можно Русија од следната 2021 година да вовде повисоки увозни давачки за одредени производи.

„Како една од мерките за поддршка е исклучувањето на јаболката, крушите, дуњите и сливите (шифра ХС 0808) од списокот на стоки со потекло од земјите во развој или од најмалку развиените земји, во однос на кои се применуваат повластени тарифи за увоз на царинската територија на Евроазиската економска унија. Планирано е ова прашање да го разработи Министерството за земјоделство на Руската Федерација заедно со здруженијата на индустрии до крајот на вториот квартал на 2021 година“.

Ова значи дека голем број земји во 2021 година може да се соочат со потребата да плаќаат повисоки царински давачки при извозот на јаболка, круши и евентуално сливи во Русија.

Кои земји може да бидат погодени од овие измени ако бидат усвоени?

Србија, која е технички најголем снабдувач со јаболка и круша, спаѓа во категоријата земји во развој, може да биде значително погодена. Сепак, Србија има посебен договор за слободна трговија со Евроазиската економска унија (ЕЕУ). Затоа, Србија најверојатно е надвор од опасност – барем до 2024 година кога земјата може да се приклучи на Европската унија.

Потенцијалното зголемување на увозните давачки може да им наштети и на добавувачите на јаболка, круша и слива од Турција, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, кои исто така доставуваат значителен обем на овие производи во Русија.
Русија е најголем извозен пазар за македонските јаболка. Во текот на минатата 2019 година на рускиот пазар се извезени јаболка во вредност од 9,6 милиони евра, што е речиси половина од вкупниот извоз на јаболка лани во вредност од 20,6 милиони евра.

Молдавија исто така има посебен договор со Русија во рамките на ЗНД; сепак, неодамнешните политички промени во оваа земја може да доведат до откажување на трговските преференции за извоз на молдавско овошје во Русија во кое било време.

Повисоки давачки може да важат и за добавувачи на јаболка и круши од јужната хемисфера, кои се класифицирани како земји во развој во Русија. Овие земји се првенствено Аргентина, Јужна Африка и Чиле. Овие три земји годишно ја снабдуваат Русија со околу 200.000 тони јаболка и круши, што е повеќе од испорачано од Србија.