Руската рубља падна скоро 10%, најниско ниво за повеќе од четири години, откако цените на нафтата се срушија за 30% по распаѓањето на пактот Русија-Саудиска Арабија за ограничување на производството на нафта, пишува Moscow Times.
Рубљата се тргуваше на најниско ниво од 74,9 за 1 долар во понеделникот наутро. Одбивањето на Русија за намалување на производството на нафта во иницијативата “ОПЕК +” на средбата во Виена во петокот ги шокираше глобалните енергетски пазари и отвори ценовна војна меѓу двајцата најголеми светски произведувачи на нафта.
Суровата брент нафта падна за 30%, на 33 долари за барел на отварањето на тргувањето на азиските безри, што е најголем еднодневен пад за изминатите три децении.
Падот на цените на нафтата ја ставија руската рубља под притисок, бидејќи Москва сè уште се потпира на приходите од извозот на нафта за голем дел од својот буџет.
Секоја цена на нафтата под 42 долари за барел создава загуби во буџетот на Русија.
Со цени под тие нивоа, Русија или ќе мора да влезе во девизните резерви или да позајмува повеќе за финансирање на дневните владини трошоци.
Министерството за финансии на Русија во понеделникот потврди дека ќе продаде девизни резерви во обид да ја стабилизира рубљата, додавајќи дека има доволно резерви за да се покријат недостатоците при пад на цената на нафтата на 25-30 долари за барел за 6-10 години.
Падот на вредноста на руската рубља може да предизвика проблеми и за македонските извозници во Русија и загуби по основ на курсните разлики. Минатата година македонските компании оствариле извоз во вредност од 46,7 милиони евра, а најголек дел отпаѓа на земјоделски производи, лекови и тутун.
Од друга страна, пак, увозниците од Русија можат да бидат задоволни бидејќи падот на вредноста на рубљата ќе го поевтини увозот. Минатата година Македонија има увоз од 127 милиони евра. Од Русија наујмногу увезуваме нафтени деривати и полупроизводи од железо и челик.