Грчката комисија за конкуренција ја одобрила зделката со која пристаништетот во Солун преминува под контрола на кипарската компанија Belterra Investments, во сопственост на рускиот бизнисмен Иван Савидис.
Информацијата официјално ја објави и компанијата која управува со пристаништето во Солун, Thessaloniki Port Authority (THPA) соопшувајќи дека добиле информација од акционерот Belterra Investments дека му се одобрува да се здобие со мнозинска контрола во THPA.
Според решението на грчкиот регулатор од 22 март годинава, Belterra Investments придобива 70% од акционeрскиот капитал на фирмата Melbery Investments, каде Belterra веќе поседуваше 30% од акциите. Со тоа, фирмата Belterra на Савидис ќe стане единствен сопственик на Melbery, која пак поседува 67% од акциите на пристаништето во Солун, со што Савидис се здобива со мнозинска контрола врз THPA, односно компанијата која управува со солунското пристаниште.
Пристаништето во Солун е од големо значење за македонската економија, како пристаниште кое е природен пат за пристигнување на стоката наменета за нашата земја и кое поради близината има пониски транспортни трошоци за превоз на стоките до Македонија во однос на другите пристаништа во соседните земји.
Компанијата ThPA во 2001 година го доби на концесија од 40 години пристаништето Солун, а според договорот со грчките власти треба да инвестираат 180 милиони евра до 2025 година во инфраструктурни проекти и опрема за утовар и истовар.
Друг сопственик на пристаништето е грчкиот државен Фонд за развој на средства, кој има нешто повеќе од 7% од акциите таму. Останатите 25% од акциите се тргуваат на јавниот пазар.
Иван Савидис е руски бизнисмен кој Forbes го рангира на листата на најбогати луѓе во Русија.
Покрај пристаништето во Солун, Савидис има и многу други бизниси и недвижности во Грција, меѓу кои и фабрика за производство на минерална вода, фудбалскиот клуб ПАОК, каналот Опен ТВ… Од минатата година преку компанијата Belterra Investments, Савидис е нов сопственик и на комплексот Порто Карас, во чие реновирање инвестираше 205 милиони евра.