Пандемијата предизвика големи пореметувања во трговијата и нарушувања во функционирањето на сите синџири на снабдување, но и огромен пад на побарувачката, заради што повеќето македонски извозни компании се соочија со пад на нарачките и прекини во производството. Кај некои индустрии, како што е индустријата за автомобилски делови тоа беше најдраматично, со пад на извозот и нарачките од странство од 30% до 80%. Во јуни и јули работите почнаа да се подобруваат, но се уште се далеку од состојбите од истиот перид лани или од плановите кои ги имале за 2020 година.
Но, пад на извозот има и во многу други важни индустрии, прехранбената, металопреработувачката, текстилната…
Повеќе од сигурно е дека есента и втората половина годинава ќе биде тешка и неизвесна за сите извозни компании. Намалените продажби и нарачки од странство, но и зголемените трошоци им ја намалија ликвидноста, растечките трговски конфликти и засилениот протекционизам го прави извозот уште потежок и понеизвесен, саемите и патувањата се речиси целосно стопирани, па настапот на нови пазари и наоѓањето на нови клиенти станува многу тешко.
Во секоја економија, извозниците се најуспешниот сегмент од економијата, кои најмногу инвестираат и вработуваат. Токму затоа на многу држави главен приоритет во кризава им е како да го одржат здраво и активно ова ткиво, за да може економијата посилно да се врати на преткризните нивоа откако побарувачката ќе се врати.
Во многу држави беа воведени специјални гарантни шеми вредни милијарди евра за да се обезбедат брзи и евтини кредити за обртен капитал и инвестиции во реорганизации и технологија, трговско финансирање, како и за осигурување на извозот и побарувањата, се намалуваа и укинуваа царински и даночни давачки за да олесни притисокот врз ликвидноста кои го имаат извозните компании и за да се намалат нивните трошоци, се забрзаа и олеснија многу царински и транспортни процедури, се инвестираше во зацврстување на транспортните и логистичките капацитети како многу важни сегменти за успешен извоз, се обезбеди институционална и стручна поддршка на извозните компании за дигитална реорганизација, промоција и контакт со странски купувачи…
За разлика од овој пристап, државната поддршка на погодената македонска економија од пандемијата главно се насочи кон поттикнување на потрошувачката (издавање на платежни картички и ваучери за домашен туризам), како и поддршка за дел од платите за вработените во најпогодените индустрии и главно беше насочена кон микро, малите и средните фирми.
Но, во следната фаза на поддршка на економијата која бизнисот ја очекува од новата Влада, фокусот мора да биде ставен кон секторите кои имаат потенцијал да ја рестартираат економијата, како и на условите за работа и конкурентност на извозните компании, кои имаат најголем потенцијал да ја придвижат економијата, со оглед дека станува збор за компании кои имаат најголем придонес во додадената вредност, вработеноста, инвестициите, но и приливот на девизи.
Според извозните компании, конкуренцијата со која ќе се соочуваат на светските пазари во следниот период ќе биде многу поголема, и во услови за засилен протекционизам и економски патриотизам, само оние најдобрите и најконкурентните ќе можат да продаваат. Токму затоа оваа криза и намалената побарувачка на странските пазари за некои извозни компании беше дополнителен мотив за подобрување на квалитетот на производите, за зголемување на постојниот асортиман и за барање нови пазари. Некои извозни компании прават големи реорганизации и иновации во работењето, кратење на непотребните трошоци и преиспитување на извозните производни пазари.
Но, никаде во светот зголемувањето на извозот не е оставено само на компаниите, а најмалку во криза, која предизвика невиден досега шок во трговијата. Затоа што извозот е суштински важен за раст и развој на економиите, во многу држави, на зголемување и промоција на извозот работат специјализирани државни развојни банки, извозно-кредитни агенции, министерства, специјални дрѓавни агенции, стопански комори…
За мала и отворена држава како Македонија, единствениот пат да се развива и да расте е преку зголемување на извозот. Тешко дека кампањите за купување на домашни производи може да помогнат за зачувување на работните места и да ја повлечат економијата напред, ако претходно не се произведат повеќе производи и не се отворат поголеми пазари каде тие производи ќе се пласираат.
Кризата е шанса за новата Влада да ја направи со години одложуваната суштинска промена во развојниот економски модел и фокусот на сите ресурси и институции да се стави кон зголемување на инвестициите, производството и извозот.
За почеток, креаторите на економски политики треба да се фокусираат на остранување на сите проблеми и пречки кои постојните извозни компании ги посочуваат и кои ги прават неконкурентни, а потоа кон градење на услови со кои ќе се олесни извозот и интернационализацијата на поголем број на мали и средни фирми.
Што предлагаат извозниците?
Во специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ се објавени одговорите од повеќе извозни компании од различни извозни индустрии кои мерки и политики би биле најефикасни и од најголема корист во насока на зголемување на конкурентоста на нивниот извоз.
Во прилог ви ги пренесуваме одговорите од некои од најголемите извозни компании:
Од фармацевтската компанија Алкалоид велат дека годинава, по редовниот почеток во првите два месеца, се претворила во нивни најголем предизвик досега.
“Се соочивме со значајно отсуство на вработени предизвикано од големиот број мерки, како и со неопходност од заштита на здравјето на сите вработени, што директно влијаеше врз работните процеси. Од деловен аспект, пак, како локално така и глобално, се оневозможија активностите на нашите маркетинг-тимови на терен; се оневозможи личен контакт со потенцијално новите партнери; се ограничи работењето на голем број здравствени институции; се случија структурни промени во потрошувачката на нашите производи и производни програми; дојде до брз раст на цените на голем број суровини и репроматеријали, а воедно се соочивме и со голем број логистички предизвици. Стана неможно да се извршуваат и клиничките испитувања, кои се значајна фаза од процесот на развој и на регистрација на новите лекови. Поради сето тоа моравме бргу да реагираме и да се приспособиме на новонастанатата ситуација. Направивме сериозни реорганизации во своите производствени погони, презмавме голем број мерки за заштита на здравјето на вработените, како клучен фактор за продолжување на работните процеси, се организираа дополнителни обуки и едукации, се премина на целосно користење на дигиталните алатки за комуникација итн. Оваа година имавме планирано и сериозни инвестициски активности кои, и покрај секојдневните предизвици, во најголема мера ќе успееме да ги реализираме. Наедно, ќе продолжиме уште поинтензивно со инвестирање во развојот, иновациите, технологиите, во квалитетот, вработените и во капацитетите и во наредниот период. Упатувам голема благодарност до сиот колектив на „Алкалоид“, како и до нашите партнери за вложените напори во борбата со сите предизвици досега. Неопходно е така и да продолжиме”, вели Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор на Алкалоид.
Oдржувањето на ликвидноста и на стабилноста е од особена важност во секакви услови на стопанисување, а особено во вака кризни ситуации”, вели Мукаетов. “Оттаму, сметам дека од клучно значење за индустријата е навременото подмирување на обврските од страна на јавниот сектор и на државните институции. Општо гледано, потребни се одржлива политичка стабилност и цврста внатрешна кохезија, со цел фокусирање на напорите на сите чинители кон намалување на последиците од актуелната состојба врз сите основи”, посочува Мукаетов.
Здраствената криза и пандемијата на корона вирус го отежна работењето и на металургискиот гигант за производство на фероникел, Еуроникел Индустри.
“Здравствената криза значеше отежната набавка и движење на стоките, како на потребни суровини, така и на нашиот финален производ, чиј пласман исто така е отежнат. Меѓутоа, со соодветен брз одговор на предизвиците со кои се соочи компанијата на повеќе нивоа, како и брза реакција на институциите, особено во делот на проток на стоки, тој прв удар беше успешно неутрализиран. Тоа значеше брзо прилагодување на новите протоколи во секој поглед, дозволи за транспорт односно движење на стоки, луѓе, децидна примена на мерки за заштита и превенција, прилагодување на меѓународните пазарни трендови, но и многу техничко-технолошко, логистичко и организационо иновирање, за да ја одржиме конкурентноста во такви услови. Секако, сите овие активности имаат цена односно се одразуваат на рентабилноста на компанијата, но крајна цел на Еуроникел е опстојувањето на долг рок, а тоа значи наоѓање решение за ваквите предизвици”, велат од Еуроникел Индустри.
Кога станува збор за генералните мерки и политики за поддршка на извозот, од Еуроникел сметаат дека високоразвиена патна, железничка и енергетска инфраструктура се приоритет број еден.
“Политичка, законодавна и даночна стабилност, ефикасна администрација и супериорен правен систем се исто така апсолутно неопходни параметри за креирање на атрактивна деловна клима. Кога ги набројуваме сите овие поими, секогаш треба да имаме предвид дека една извозна компанија се натпреварува со конкуренти на меѓународно ниво кои стигнале до таму заради тоа што најчесто овие основни предуслови се исполнети. За жал ваквата стабилност во помали и помалку развиени економии честопати трпи позначителни жртви поради шокови каква што е сегашната здраствено-економска криза и тоа е моментот кога не смеат да се носат краткорочни решенија кои навидум се корисни во моментот, но исклучително штетни за економијата и бизнисот на долг рок”, велат од Еуроникел.
Во таа насока, сметаат од Еуроникел, кога станува збор за мерки и политки кои ќе дадат подршка во вонредни околности, истите мора да ги земат предвид особено целосно извозно ориентираните компании кои се натпреваруваат на меѓународно ниво.
“Во сегашните мерки јасно е дека особен акцент е даден на микро, малите и средните претпријатија кои се први на удар од негативните ефекти на кризата, но мора да се води сметка за долгорочните ефекти што влијаат на работењето и конкурентноста на извозниците, кои, пак, имаат најголемо влијание на додадената вредност, БДП и приливот на девизи. Позитивен пример е Законот за финансиска подршка, којшто всушност е легислатива која претходи на здраствената криза, но секако ќе придонесе за надминување на истата, и само доколку има негова децидна имплементација. Што се однесува до финансиските институции и инструменти, нивната расположивост, но и флексибилност на кредитините услови и трошоци се исто така еден од основните услови за справување со последиците кои произлегуваат од здраствено-економската криза”, велат од Еуроникел Индустри.
Александар Гечев, генералниот менаџер на седмиот најголем извозник во земјава ИГМ Трејд од Кавадарци лично е против субвенционирање на компании во време на криза и директна исплата на финансиска помош. “Ваквите мерки од ПР аспект секогаш звучат популарно и бомбастично, но во пракса создаваат повеќе проблеми отколку што решаваат. Сметам дека државната администрација не е доволно компетента ефикасно да имплементира ваков сет мерки на фер и транспарентен начин, а се отвара и простор за злоупотребa”, смета Гечев.
Не велам дека државата не треба да има улога во закрепнувањето на економијата, но сметам декасегашниот пристап е погрешен, објаснува Гечев.
“Државата преку своите макро-економски политики располага со многу подобри фискални и монетарни мерки кои би биле праведни, сеопфатни, мерливи и отчетни. На пример, преку таргетирано намалување на даночните стапки, укинување на парафискалните давачки, царински ослободувања и олеснувања преку ревизија на царинскиот закон, преиспитување на степенот на задолжување на државата кон домашните банки итн.”, смета тој.
Toj посочува на потребата за подобрување на инфраструктурата, како и на поголемо вложувањето во технологија кое мора да биде пропратено со вложување во образование, што се важни фактори кои ја зголемуваат продуктивноста на една економија на долг-рок.
Виктор Мизо, директор на Костал и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство посочува дека основна мерка од која директно зависи конкурентноста на производството на Костал, но и на многу компании кои произведуваат автомобилски делови во земјава е намалувањето на царинските стапки за увоз на компоненти од не-европски земји, а кои се наменети за високонапредното производство на автомобилската индустрија.
“Ова барање е актуелно околу 2 години, но никако да се реши на системски и траен начин. Соодветно би било намалување на стапките на ниво на увозните стапки применливи во земјите членки на ЕУ, во почеток за 12 тарифни кодови, а во натамошниот период и за поголем број на кодови. Ова директно ќе значи производство на повеќе напредни производи со поголема додадена вредност за извоз од земјата, а истовремено нови инвестиции и вработувања, пред се од постоечките инвеститори, бидејќи во следните две и повеќе години можноста за нови гринфилд инвестиции ќе биде сведена на минимум”, вели Мизо.
Според него, неопходно е секторски да се анализира целокупниот државен државен извоз. Нужни се посебни мерки на државата наменети кон индустриските гранки со најголемо учество во извозот, односно во растот на националниот БДП.
Една од мерките кои беа предложени од Асоцијацијата на странски инвеститори со технолошко напредно производство предвидуваше поддршка за големи извозни компании од преработувачката индустрија кои претходната година реализирале инвестиција од најмалку 20% од приходот за годината. За овие компании требаше да се прошират субвенциите на трошоци за минимална бруто плата и посебна поддршка на компаниите за трошоци за лицата кои поради владините мерки не учествуваа во работните процеси. Обзирноста на инвеститорите кон ситуацијата се рефлектираше и во предлогот за одложена финансиска трансакија согласно можностите на државниот буџет. На крај, сите мерки за поддршка на извозните компании би биле излишни доколку не постои стручна, професионална, активна и посветена поддршка од државните институции задолжени за промоција и поддршка на инвеститорите”, вели Мизо.
Во следните неколку години се очекува процес во кој големите и развиени економии од ЕУ и светот ќе почнат голем циклус на инвестиции со цел намалување на зависноста од увоз од Кина. Процесот кој уште се нарекува reshoring или враќање и преселување на дел од производството од азиските земји кон матичните земји и земјите кои се географски поблиску до пазарот за кој е наменето производство.
Многу земји од регионот како Бугарија, Србија, но и земји од Централна и Источна Европа веќе имаат контакти со големите компании од автомобилската, фармацевтска и електронска индустрија, нудејќи им конкурентни услови и субвенции за инвестирање.
Компаниите од овој сектор апелираат дека државата не ги направи соодветните промени со кои производството би било исто или поконкурентно од земјите во регионото, ризикува да биде заобиколена, а некои од веќе постојните компании да го намалат производството.
Извозните компании од прехранбениот сектор се соочија со големи пореметувања и предизвици во работењето со почетокот на пандемијата, но се покажаа и многу жилави и флексибилни, па се чини дека успеаа многу брзо да се консолидираат и да обезбедат континуитет во работењето на странските пазари.
Но, прехранбените компании, кои се меѓу најбројните извозници во земјава и главно компании со домашен капитал, се соочуваат со низа пречки и проблеми им ја намалуваат конкурентноста на странските пазари.
Од Макпрогрес, најголемиот извозник од прехранбената индустрија велат дека за да се зголеми извозот како држава потребна е многу работа. Првенствено работата е на компаниите, но голем дел е и на државата.
“Државата треба да креира политики за подобрување на економијата, општествениот живот и инфраструктурата како би се спречило иселување поттикнато од неекономски причини, бидејки без соодветни кадри безпредметно е да зборуваме за раст, развој и зголемување на извозот. Економските политики треба да бидат насочени претежно кон зголемување на конкурентноста за извоз и насочување на компаниите кон извоз, но и кон генерално подобрување на економските состојби”, вели Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогре.
“Мора да се подобри ефикасноста и услугата на државната администрација и да се намалат парафискалните давачки кои се голем реален трошок на компаниите. Понатаму, потребно е државата посеризно да работи на потпишување договори за слободна трговија со земјите од Магреб и Блиски исток и да го олабават многу строгиот визен режим со тие земји. Конечно треба да се стави крај на сивата економија и незаконското работење, бидејќи постојат многу случаи на неиздавање фискални сметки, увоз на сомнителни производи по квалитет и без декларација и царинење на кило, работење на црно… Со подобрување на наплатата на давачките државата ќе има повеќе средства да реално инвестира во подобрување на здравство, образование, инфраструктурата, безбедност, како и во подршката на економијата, а да не прави дополнителни задолжувања или дополнително фискално зафаќање од компаниите кои работат целосно законски”, вели Цветанов.
Во однос на мерките и политиките кои можат да го зголемат извозот и неговата конкурентност од Витаминка сметаат дека од животна важност за националната економија е институциите да дизајнираат помош со која би им помогнале на секторите кои се најпогодени да преживееат, додека на секторите кај кои влијанието на здравствената криза не е со толку голем интензитет, да продолжат да работат уште подобро и поефикасно, за да можат да ги повлечат и помогнат да се опоравуват другите попогодени индустриски сектори.
“Пакетот на институционални мерки на подршка би требало да биде: генерален – кои би важеле за сите деловни субјекти и специфичен – кој би бил дизајниран за секоја индустриска гранка посебно. Исто така, при креирањето на помошта треба да се води смета за спецификите на деловните субјекти кои произлегуваат од нивната големина (различна е потребната форма на помош за микро и мали компании, во споредба со големите компании). Конкретно за компаниите од прехранбента индустрија, каде спаѓа Витаминка, покрај генералните мерки на антирецесиска помош што ги превземаат државните инстустуции, потребно е да се интензивираат специфични мерки за подршка на зголемување на конкурентноста на странските пазари кои се важечки и за нормални околности: ургентно модернизирање на патната инфраструктура за непречено одвивање на транспортот, максимално релаксирање на админстративните извозни процедури, заштита од нелојална конкуренција и трансферни цени на домашниот пазар, подршка на иновативноста и развој, алиментирање на трошоците за промоција и брендирање на странските пазари и сл”, вели Љупчо Велески, директор за извоз во Витаминка .
Од најголемиот извозник на сувомеснати производи Пекабеско , заедно со останатите компании од индустријата за месни преработки веќе подолго време бараат промени на царинскиот закон со цел укинување на царинските стапки за увоз на свинско месо за преработки, по примерот на веќе укинатите царински стапки за увоз на пилешко и говедско месо.
“Укинувањето на царините за увоз на свинско месо би важеле само за производителите на сувомеснати производи регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство. Сметаме дека со ваквата мерка воопшто нема да наштетиме на производителите на свинско месо, туку напротив ќе ги поттикнеме и тие да произведуваат свинско месо спремно за извоз, односно такво какво што ние сега го добиваме од увоз. Плаќањето на царински стапки од 20% до 25% за увоз на свинско месо за преработки кои потоа се извезуваат директно ја намалува конкурентноста на компаниите од оваа индустрија”, вели Слободан Кутревски, прв извршен директор на Пекабеско.
Дополнително, вели Кутревски, според договорот од ЦЕФТА, европското месо во Македонија добива третман на македонско месо за кое ние како производители издаваме EUR 1, а од друга страна плаќаме царина, што нема никаква логика, заради што компаниите од оваа индустрија бараат укинување на царините за увоз на свинско месо за преработки.
Од кондиторската фабрика Европа како еден од проблемите кои ја намалуваат конкурентноста на кондиторска индустрија ја посочуваат царината за увоз на шеќер.
“Шеќерот е суровина која е доминантна во нашето производство, поради што голем дел од трошоците за суровини се за набавка на шеќер. Во нашата земја нема производство на шеќер и поради тоа сме приморани да користиме шеќер од увоз за кој плаќаме царина од 5%. Со тоа сме ставени во понеповолна позиција во однос на нашите конкуренти од странство кои за оваа суровина имаат за 5% пониска цена. Сметаме дека царината на шеќерот од 5% треба што побрзо да се укине поради тоа што во нашата држава нема домашно производство кое треба да се штити, туку напротив со оваа давачка се оптеретува домашното производство не само на кондиторски производи, туку и на сите други индустрии кои користат шеќер во производството”, велат од Европа и потенцираат дека со укинување на оваа давачка Владата би придонесла за зголемување на конкурентноста на кондиторската индустрија, како во странство, така и на домашен пазар.
Како стимулативна мерка во услови на отежнато работење, од Европа сметаат дека Владата треба да ги намали административните трошоци за дозволи и здравствени сертификати кои се редовна дополнителна документација за секој извоз, со што исто така би придонела во зголемувањето на конкурентноста на извозот.
Од директните економски мерки кои би биле од помош и подршка за зголемување на извозот на нашата компанија во услови на пандемија, велат од Европа, се субвенционирање на плати за вработените кои ги користеа мерките на Владата, особено на придонесите од нивната бруто плата.
“Со цел да се зголеми извозот и освојувањето на нови странски пазари, многу важни мерки би биле субвенционирање на трошоците за осигурување на побарувањата од странство и на трошоците за факторинг, со што ќе се подобри и ликвидноста, ќе се намали ризикот и ќе се зголеми конкурентноста, понатаму подршка за промоција на странските пазари во услови на отежнато работење, како и намалувањето на стапката на данокот на добивка за 2020 година, особено на приходите остварени од странски пазар за време на пандемија од вирус COVID-19”, велат од Европа.
За една компанија да биде успешна во извозот, секако мора прво да има квалитетен производ или услуга, но најважно биде конкурентна, и со квалитет и со цена, во однос на останатите компании од целиот свет. Светскиот економски форум ја дефинира конкурентноста како збир од политики, институции и фактори кои го определуваат нивото на продуктивност на земјата.
Извозот е ѓаволски тежок и многу скап процес, кој бара многу знаење и континуирано вложување во квалитет, стандарди, нови производи, во технологии, продажни мрежи, маркетинг…
Но, конкурентноста на извозот многу зависи и општиот амбиент за работење кој се креира преку законската регулатива, функционирање на институциите и правниот систем, монетарната и фискалната политика…
Македонија со години наназад се соочува со големи макроекономски, фискални и структурни нерамнотежи кои ја намалуваат конкурентноста на извозните компании. Лош правен систем, висок јавен долг, преголема администрација, лоша инфраструктура, високи трошоци за производство, неизвесност и брзо менување на закони, се само некои од факторите кои силно се одразуваат врз работењето на извозните компании и им ја намалуваат конкурентноста.
Македонија се наоѓа пред тежок период на совладување на штетите кои ги предизвика пандемијата на Ковид 19. Затоа, од исклучителна важност за држаавата да успее во тоа е да биде во блиска комуникација со оние кои ги креираат приходите, работните места и кои ги полнат буџетот и фондовите.