ИНТЕРВЈУ

СЕРГЕJ СИМОНИТИ, регионален директор, COFACE Adriatic



Светски познатата компанија за управување со ризици Coface минатата недела ја организираше првата Country Risk конференција во Адриатик регионот, со цел на македонските компании да им ги приближи знаењето и искуството за ризикот од ненаплата и да им ги претстави инструментите со кои може да се спречат или намалат овие ризици.
Со Сергеј Симонити, регионалниот директор на Кофас Адриатик, разговаравме како производите и услугите кои ги нудат можат да им помогнат на македонските компании да бидат поотпорни во време на економски кризи и да го намалат ризикот од неплаќање, кој е посебно важен за успешен извоз на странските пазари.

Меѓународната компанија за управување со кредитни ризици Coface (Кофас), деновиве, ја организираше првата Country Risk конференција во т.н. „Адриатик“ регион. Зошто токму Македонија и што значи оваа конференција за компаниите?

Симонити: Прво, накратко, да ја претставам Кофас и што работиме во овој Адриатик регион. Во основа, Кофас е основана како компанија за осигурување од ненаплата на побарувања во 1946 година во Франција. Во овој регион е присутна повеќе од 25 години и со купување на ПКЗ осигурување во Словенија, стана лидер во регионот на подрачјето на осигурувањe на побарувања. Така, наша најтрадиционална дејност е осигурувањето. За проценка на ризикот со намера да се осигура, потребни се информации за деловните компании, односно за ризикот кој го осигуруваме. Поради тоа создадовме една од најголемите база на податоци за дисциплината на плаќање која ја монетизираме во облик на продажбата на деловни (бизнис) информации. На крајот, се случува одреден купувач да не плати за своите побарувања и поради тоа, во светот имаме огромна мрежа за наплата на побарувањата. И оваа услуга ја нудиме на нашите надворешни партнери.

Накратко, во Кофас групацијата нудиме сеопфатна услуга за совладување на ризикот од ненаплата, од прва фаза продажба на бонитетни извештаи и други деловни информации, осигурувања на побарувања и наплати.

Групата Кофас пред многу години го идентификува Адриатик регионот како голем потенцијал за раст. Првите големи активности се покренати со купување на ПКЗ осигурување од Словенија. Оттогаш од Љубљана го менаџираме овој регион.
Македонија ја гледаме како конститутивен дел на овој регион. Пазарот во Македонија е во развој, веруваме во успех на македонската економија и веруваме дека може, со нашите производи, да придонесеме во овој успех. Македонија ја гледаме како крстосница меѓу југот и северот, западот и истокот и верувам во успешен развој.
Исто така, работиме со словенечките инвеститори во Македонија и на крај, еднакво важно, во Македонија се чувствуваме добредојдени.

Намерата на самата конференција беше на македонските компании да им ги приближиме знаењето и искуството за ризикот од ненаплата и да им ги претставиме инструментите со кои може да ги спречиме или намалиме овие ризици.

Конференцијата ја организиравте со поддршка и на локални партнер компании со кои соработувате при реализација на вашите активности. Каква е поврзаноста на Coface со партнер организациите?

Симонити: Иако во нашата пазарна ниша сме трети најголеми во светот, свесни сме, дека всушност сме играч во одредена ниша. Знаеме дека нашиот производ е најдобро да го нудиме покрај други услуги, за што секако ни се потребни локални партнери за да бидеме во состојба да на понудиме најдобрата можна услуга на клиентите. На подрачјето на деловните информации, веќе 22 години, одлично соработуваме со компанијата Интеркредит. На подрачјето на судската наплата, наш најзначаен партнер во Адриатик регионот е правното друштво Праљак и Свиќ од Загреб. Но, имаме дополнителни регулаторни препреки во областа осигурување на побарувањата. На пазарот во Македонија сме присутни како реосигурувач на нашиот лојален партнер Сава осигурување, која издава полиса за осигурување, која потоа е реосигурана кај нас.
На сите наши клиенти во Македонија може да им ветиме дека ќе имаат еднаква услуга во соработката со нашите локални партнери, како и во секоја земја каде што Кофас е присутен директно.


„Ризиците од неплаќање на побарувањата и како да се заштитиме од ова неплаќање“ беше областа за која говоревте на оваа конференција. Колкави се ризиците од неплаќање во овој регион и како нашите компании да се заштитат од неплаќање?

Симонити: Верувам дека целиот овој регион е на пат кон економски развој. Освен тоа, верувам дека најголемиот дел од развојот ќе биде извозно насочен. Нашите производи, пред сѐ, се потребни на извозниците. Факт е дека македонска компанија, многу веројатно може да го препознае ризикот од неплаќање кај друга македонска компанија, можеби и од Србија и од Словенија. Но, ако компанија од Македонија добие потенцијална работа во Кина или Дубаи, потребни и се информации за дисциплината за плаќање или проценка на ризикот од неплаќање и нивно осигурување од неплаќање за да се реализира тој бизнис. Веруваме дека нашите инструменти, односно производи имаат најголема додадена вредност во меѓународната трговија.

Накратко, нудиме деловни информации. Во таа смисла, клиентот може да купи бонитетна проценка, односно проценка на ризикот од неплаќање од нашата база на податоци. Доколку клиентот е поголем, може да купи и осигурување кое го штити при стечај на неговиот купувач и/или доцнење на плаќањето. И ако се оди наопаку, може да понудиме услуга за наплата на побарувања.

Што им препорачувате на македонските компании со оглед на економската ситуација во светот, регионот и секако, во Македонија?

Симонити: Во овие 25 години и повеќе во осигурувањето научив дека една работа, а тоа е дека светот сѐ повеќе е непредвидлив. За кризата во 2008 година сите знаеја дека ќе дојде, но не знаевме како да реагираме. Во врска со Ковид, сите големи компании за осигурување знаеја дека, порано или подоцна, ќе дојде до пандемија. Но, никој во Европа не предвидуваше вистинската војна на континентот. Сите овие кризи имаат економски последици. Лекција која може да ја научиме е дека не може да го предвидиме непредвидливото.
За економски успех потребни се флексибилност и прилагодливост, кои ќе обезбедат поголема отпорност на компанијата. За поголема отпорност на компанијата значајно придонесуваат и сите производи кои ги нуди групацијата Кофас, бидејќи секоја криза завршува со неплаќање.

Верувам дека меѓународната трговија е добра за економијата и за благосостојбата во општеството во најширока смисла на зборот. И затоа верувам во мотото на групацијата „Кофас за трговија“.

Неколку компании, меѓу кои Алкалоид и Либерти стил груп, го презентираа своето искуство од осигурување на побарувањата и заштита од деловните ризици.