Светскиот економски форум (СЕФ) објави дека 14 милиони работни места во светот ќе исчезнат во следните пет години.

Врз основа на истражување во кое учествуваа повеќе од 800 компании, СЕФ очекува дека работодавците ќе отворат 69 милиони работни места до 2027 година, додека 83 милиони работни места ќе бидат елиминирани, пренесува CNN.

Затоа, ќе исчезнат 14 милиони работни места, што претставува 2% од сите вработени, се вели во соопштението на СЕФ.

Преминот кон системи за обновлива енергија ќе создаде значителен број нови работни места, додека пазарот на трудот негативно ќе биде под влијание на бавниот економски раст и високата инфлација.

Развојот на вештачката интелигенција (ВИ) ќе има и позитивно и негативно влијание врз работните места, предвидува СЕФ.

На фирмите ќе им требаат вработените да воведат вештачка интелигенција во системите на компанијата и да управуваат со алатки поврзани со вештачката интелигенција.

Аналитичарите на податоци, како и експертите за машинско учење и сајбер безбедност, не треба да се грижат за својата иднина, бидејќи побарувачката за нив ќе се зголеми за 30% до 2027 година, прогнозира СЕФ.

Од друга страна, вештачката интелигенција ќе загрози околу 26 милиони административни работни места и работни места поврзани со складирање податоци до 2027 година.

Генеративните алатки за вештачка интелигенција како Чет Џи-Пи-Ти неодамна предизвикаа сензација, но компаниите не очекуваат автоматизацијата да расте со опасно темпо. Компаниите сметаат дека до 2027 година околу 42 отсто од сите работни задачи ќе бидат преземени од машини, пренесе Танјуг.

Фирмите, сепак, го менуваат своето мислење за тоа што нивните вработени треба да знаат и „способноста за ефективно користење на алатките за вештачка интелигенција“ сега се цени повеќе од програмирање, заклучува СЕФ.