Повеќе од половина од германските компании кои работат во странство имаат сериозни проблеми во нивните синџири на снабдување или логистика, принудувајќи ги да ги диверзифицираат добавувачите, да ги скратат патиштата за испорака, па дури и да го преместат сопственото производство, покажа истражувањето на Индустриските и стопанските комори ДИХК.
Германската економија порасна благодарение на глобализацијата во изминатата деценија. Но, прекините поврзани со пандемијата во светската мрежа на синџири на снабдување, сега се покажуваат како критична слабост.
Недостигот од полупроводници и други индустриски компоненти се заканува да го доведе економското закрепнување на Германија до застој, принудувајќи ги директорите повторно да размислат за синџирите на снабдување и да се обидат да ја намалат зависноста од неколку азиски и американски добавувачи.
Истражувањето на Индустриските и стопанските комори ДИХК меѓу 3.200 нејзини членки кои работат во странство покажа дека проблемите со синџирот на снабдување станале уште полоши: Повеќе од половина од компаниите пријавиле проблеми, што е за 14% повеќе во споредба со пролетта.
„Зголемената глобална побарувачка во моментов е придружена со недоволни производствени капацитети и транспортни проблеми“, рече експертот за трговија на DIHK, Фолкер Трејер.
Причините за прекините се многубројни, почнувајќи од недостиг на контејнери и товарни капацитети на бродовите до прекини на производството предизвикани од ограничувањата на Ковид , како и компоненти што недостасуваат.
Нарушувањата на синџирот на снабдување може да се проследат и до сериозни нарушувања на трговската политика од страна на други влади, како што се регулативите што ги принудуваат германските компании да произведуваат одредени меѓупроизводи само локално, рече Трејер.
Кина останува важен пазар, Источна Европа добива на значење
Во Кина, на пример, компаниите се принудени да го зголемат уделот на локални меѓупроизводи во одредени стоки и сегменти – задача што станува сè потешко да се управува за малите фирми, рече Трејер.
Бидејќи кинескиот гигантски пазар е премногу важен за да се откаже, затоа средните компании првенствено ќе бараат нови добавувачи во регионот, рече Трејер.
Источна Европа, исто така, има корист од трендот кон диверзификација на синџирите на снабдување или скратување на логистичките патишта, при што Украина и Србија стануваат поатрактивни, рече Трејер.
Со оглед на тие проблеми, 54% од компаниите планираат да ги приспособат синџирите на снабдување или веќе го направиле тоа, покажа истражувањето.
Од тие компании, 72% бараат нови или дополнителни добавувачи, 32% планираат да ги скратат или променат рутите на испорака и 15% се решени да го преселат сопственото производство.
Важни критериуми кога се бараат нови производствени локации се достапноста на квалификувани работници (54%), географската локација на производствената локација (43%) и општите економски услови како даноци, царини или санкции (43%).
Ситуацијата е особено тешка за германските компании кои работат во Британија: Вкупно 77% од тие фирми изјавиле дека мора да ги приспособат своите синџири на снабдување.
Од тие компании, 93% рекле дека принудени да ги променат рутите за испорака, а 39% рекле дека планираат да го преместат производството, главно како резултат на новите трговски бариери по Брегзит.