Претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, со министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ги презентираа мерките за заштита на животен стандард и ликвидност на компаниите.
 
Премиерот Ковачевски ги елаборираше 26-те мерки за заштита на животниот стандард  и ликвидноста на компаниите, како и мерките за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка на Северна Македонија.

“Предизвиците пред нас се огромни. Во услови на пост-пандемија, се соочуваме со најголемата економска криза која што Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храна и енергенсите како резултат на воената агресија на Русија врз Украина го чувствуваме и ние денес и сега. Дисбалансот на цените на основите прехранбени продукти и енергенсите нѐ засега и нас. Ова ќе биде тешка година, но со добри политики и мерки, ќе ја премостиме. Владата на Република Северна Македонија, и досега покажа одговорен пристап и стабилно менаџирање. Ветувањата кои ги дадовме, со динамично темпо ги исполнуваме.  И сето тоа го правиме преку сериозни и детални анализи во широк консултативен процес и дијалог каде мислењата и предлозите од сите засегнати страни се земаат предвид при носењето на одлуките”, вели премиерот Ковачевски.


Во продолжение сите мерки кои беа донесени од страна на Владата кои ќе чинат 400 милиони евра:

Во делот мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите тие се следни:

1. Намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5% на 0%.

Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се леб; шеќер;  брашно – тип 400; сончогледово масло за јадење; трајно млеко, свежо месо; ориз и јајца.

2. Замрзнување маржите на основни производи за исхрана.

Со оваа мерка Владата ќе спречува создавање на наднормален профит, а ќе се влијае на ублажување на влијанието на ценовниот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи.

3. Воведување субвенции, односно ваучери за најранливите категории на граѓани за основни производи за исхрана.

Тоа се ваучери во вредност од 1.000 денари месечно, за период од три месеци за околу 35.000 граѓани. Истите би се користеле за купување на основни производи.

4. Воведување автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји.

Владата ќе ги укине царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи, и тоа од сите земји.

5. Се пролонгира примената на повластената даночната стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата.

Како и досега, со оваа мерка Владата очекува да го ублажи ценовниот удар од растечката цена на електричната енергија на светските берзи и да го заштити животниот стандард на граѓаните.

Оваа повластена даночна стапка ќе важи до декември 2022 година.

6. Препорака за менување на методологијата за утврдување на цена за домаќинства и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија.

Новата методологија која ќе обезбеди пониска цена за електричната енергија за домаќинствата кои се најпогодени и малите потрошувачи.

7. Се продолжува програмата за енергетска сиромаштија.

8. Субвенционирање на пензионерите.

Субвенциите за пензионери се во вредност од 1.000 денари месечно или вкупно 3.000 денари кои би се користеле за купување на основните производи.

9. Се продолжува субвенционирањето на цената на електрична енергија за регулираниот пазар за домаќинствата и за малите потрошувачи.

Со оваа мерка Владата планира да гои заштити потрошувачите во периодот на значителен ценовен пораст на електричната енергија која во моментов е со рекордни цени на светските берзи. Мерката ќе биде активна до јуни 2022 година.

10. Субвенционирање цената на топлинска енергија.

Со оваа мерка се овозможува континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија за потрошувачите на делови од територијата на градот Скопје.

11. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење на поволен кредит од Светска банка спроведен од Министерството за финансии.

Со оваа мерка ќе се овозможи намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор, а воедно ќе се подобри нивото и квалитетот на јавните објекти и јавното осветлување.

12. Програма за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година.

Средствата на оваа програма во вкупен износ од 30.000.000 денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.

13. Препорака за промена на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа.

Препораката е цените да се менуваат на дневна основа, барем во периодот додека трае енергетската криза во Европа и на тој начин, да се избегнат големи ценовни промени од една до друга одлука.

14. Се пролонгира воведувањето на зелените давачки за деривати, односно еколошката такса за енергенси.

Со оглед на големиот пораст на берзанските цени на нафтата, Владата ќе го пролонгира воведувањето т.н. еколошката такса за енергенти кој е во собраниска процедура.

15. Се намалува стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан.
 
Оваа мерка Владата планира да ја заштити куповната моќ на крајните потрошувачи, граѓаните, вклучително и земјоделците кои произведуваат во мал обем, односно не се регистрирани. Со намаленото ДДВ практично се намалува цената на енергенсите за граѓаните со што ќе се заштити животниот стандард од една страна, а од друга страна преку мерката се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите.

16. Се намалува акцизата врз основа на берзанските цени.

Намалување на акцизата за  1, односно 2, односно 4 денари по литар на безоловниот бензин, на гасното масло како погонско гориво (дизел) и на гасното масло како гориво за греење (екстра лесно масло за греење), во случај средната дневна берзанска цена за предметните енергенти на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan да е повисока од 800 USD/ton но пониска или еднаква на 1.000 USD/ton, односно повисока од 1.000 USD/ton но пониска или еднаква на 1.200 USD/ton, односно да е повисока од 1.200 USD/ton. Мерката се предлага со цел ублажување на влијанието на зголемените цени на енергенсите на светските берзи и со тоа  заштита на куповната моќ на потрошувачите. Мерката ќе има директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенти, и тоа за околу 1,2 денари, односно 2,3 денари, односно 4,7 денари, вклучувајќи го и ефектот од намален износ на ДДВ за износот на намалена акциза.
Со оваа мерка би се примениле акцизи намалени за 2 денари, дизелот наместо 85, 5 денари би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари. 

Бензин наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари.

17. Ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување.

Со оваа мерка се ослободуваат увозниците на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, од плаќање на данок на додадена вредност при увоз на овие добра со што се овозможува подобрување на ликвидноста и профитабилноста на компаниите.

18. Препорака за општините да го реорганизираат јавниот превоз да биде достапен во корист на сите граѓани.

Целта е да се обезбеди поефикасен јавен транспорт за граѓаните да можат да заштедат и рационално да ги употребуваат личните возила.

Во делот за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка мерките се:

19. Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година.

Со оваа мерка преку РБСМ ќе се поддржи ликвидноста на деловните субјекти преку субвенционирање на каматната стапка од страна на државата.

20. Финансиска поддршка преку директно кредитирање од РБСМ на компаниите.
 

Со оваа мерка се подобрува ликвидноста на деловните субјекти преку исплата на бескаматни кредити за обртни средства по поволни услови, а заради зголемените трошоци за електрична енергија.

21. Финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства.
 
Мерката ќе значи подобрување на ликвидноста на компаниите при што Владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3,2% – 4% годишно, а крајните корисници би користеле кредити за обртни средства без каматен трошок.

22.Користење на Гарантниот фонд преку Развојната Банка на Северна Македонија.

Со оваа мерка ќе се издаваат портфолио гаранции за микро, мали и средни трговски друштва и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз преку гарантирање и тоа кај портфолио гаранциите, гарантирање до 50% од кредитот во колку се работи за кредит за основни средства, односно до 80% во колку се работи за кредити за обртни средства и кај индивидуални гаранции гарантирање до 50% од износот на кредитот.

23. Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
 
Со оваа мерка се овозможува кредитирање на компаниите за инвестирање во проекти при што ќе се издаваат бескаматни кредити до деловните банки, додека до крајните корисници ќе се издаваат кредити со каматна стапка од не повеќе од 1.6%.

24. Нова линија за поддршка на стопанството преку Европската инвестициска банка за зелена транзиција.

Оваа кредитна линија е наменета за компаниите кои се соочуваат со енергетската криза и ќе обезбеди стимулирање на инвестиции на компаниите во обновливи извори на енергија.

25. Зелено финансирање (Европска банка за обнова и развој, Програма на Обединетите нации за развој, комерцијални банки.

Со овој финансиски инструмент ќе обезбеди пристап до зелено финансирање за малите и средни претпријатија и поединци и домаќинства за инвестиции во обновливи извори на енергија и решенија за енергетска ефикасност.

26. Препорака и апел за засилено штедење и рационално користење на енергијата.
Владата ќе апелира до сите институции, домаќинства и стопанството за грижливо и рационално користење на електрична енергија и енергенсите. ” Сите треба да сме свесни за сериозноста на ситуацијата! Дополнително, ги задолживме државните и јавните институции да предложат сет мерки за рационализација на трошоците по овие основи а во рамки на нивните надлежности.