Интервју


“Сведоци сме на период во кој светот е соочен со посебни предизвици и потешкотии создадени од пандемијата со КОВИД19. Целата оваа ситуација резултираше со промени во секојдневниот живот и ограничувања во сите сфери на делување. Од денешна перспектива, факт е дека како Царинска управа покажавме капацитет и подготвеност за прилагодување на промените. Преку брзи реакции и носење соодветни одлуки, успеавме да го задржиме позитивниот тренд во наплатата на приходите, за што сведочат и резултатите од последните анализи. Приходите се зголемени за повеќе од 25% во однос на 2020 и за над 10% во однос на 2019 година, односно пред почетокот на пандемијата, вели директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.
ИзвозМК: Изминатава година ја одбележаа многу предизици кои ги наметна пандемијата со Ковид 19. Каква беше улогата на Царинската управа и кои активности беа превземени за да се олесни нормалното работење и трговијата во овој неизвесен период?
Кутиров: Сведоци сме на период во кој светот е соочен со посебни предизвици и потешкотии создадени од пандемијата со КОВИД19. Целата оваа ситуација резултираше со промени во секојдневниот живот и ограничувања во сите сфери на делување. Од денешна перспектива, факт е дека како Царинска управа покажавме капацитет и подготвеност за прилагодување на промените. Преку брзи реакции и носење соодветни одлуки, успеавме да го задржиме позитивниот тренд во наплатата на приходите, за што сведочат и резултатите од последните анализи. Приходите се зголемени за повеќе од 25% во однос на 2020 и за над 10% во однос на 2019 година, односно пред почетокот на пандемијата. Во оваа насока бележиме и голем број заплени како резултат на нелегални активности а во континуитет се преземаат низа мерки за олеснување на прекуграничниот проток на стоки. И во текот на пандемијата, продолживме со развојни активности за понатамошна модернизација на царинското работење, дури и ако тоа значеше вложување на дополнителни напори на патот кон остварување на целите.
Како претседавачи со Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамки на ЦЕФТА, минатата година, во соработка со сите органи и министерства во Владата на Република Северна Македонија, направивме исклучителни напори за одржување на економската активност за границите во регионот да останат отворени за проток на стока. Тука, пред се, мислам на воведување на т.н. зелени коридори, каде сите земји членки на ЦЕФТА се обврзаа да обезбедат 24 часовна работа на граничните премини за извоз и увоз на стоки, како и на клучните гранични премини со Европската Унија. Паралелно, активно работевме на процесот за меѓународно признавање на издадените одобренија за Овластен економски оператор (ОЕО) за царински поедноставувања, со што се овозможи побрз проток на ОЕО компаниите при премин на границите, со минимум царински формалности.
Истовремено, работевме и на воведување нови контролни механизми во услови на пандемија, преку унапредување и интеграција на ИКТ системите. Во соработка со Министерството за здравство, пред се Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Министерството за внатрешни работи и аеродромскиот оператор ТАВ, преку царинскиот систем РАВИО, кој автоматски ги селектира и идентификува патниците кои излегуваат од државата и кои имаат активно решение за изолација, воспоставивме контрола на овие патници на двата аеродроми во Скопје и Охрид.
Го интензивиравме процесот на дигитализација на услугите преку СОЦДАД – системот за обработка на царински и акцизни документи во делот на приложени документи, при што од април 2020 година, поднесувањето на потребните дополнителни документи за извоз за стоки од државата може да се врши целосно електронски и без хартија.
ИзвозМК: Изминатава година ја одбележаа многу предизици кои ги наметна пандемијата со Ковид 19. Каква беше улогата на Царинската управа и кои активности беа превземени за да се олесни нормалното работење и трговијата во овој неизвесен период?
Кутиров: Царинската управа, минатата година, беше претседавач на Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамки на ЦЕФТА, а во овој период беа воведени и т.н. зелени коридори. Колку со нив се олесни трговијата во регионот и какви придобивки имаше бизнисот?
За време на нашето претседавање со Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамки на ЦЕФТА изработивме амбициозна програма, примарно во насока на реализација на заложбите за олеснување на трговијата на сите вклучени страни, но и во однос на прекуграничната соработка и трговија со земјите членки на Европската унија. Исто така, поради новонастаната состојба со кризата од пандемијата, направивме исклучителни напори за одржување на економската активност со цел границите во регионот да останат отворени за проток на стока преку воспоставување зелени коридори, со приоритет за минување на осетлива стока, односно свежи земјоделски и прехранбени производи, лекови и медицинска опрема.
„Зелените коридори“, како привремен и брз одговор на тековната здравствена вонредна состојба, имаа цел да спречат недостиг на неопходна стока и медицинска опрема. Оваа иницијатива се покажа како еден од најуспешните примери за регионална соработка. Со воведување на овие зелени коридори, овозможивме компаниите непречено да ги извршуваат активностите за увоз, извоз и транспорт на стока во период кога беа воведени рестрикции во движењето и преминувањето на граничните премини на светско ниво. На овој начин, овозможивме континуитет во работењето на компаниите и ги намаливме последиците од Ковид пандемијата.
ИзвозМК: Се најавува овие зелени коридори да се имплементираат со некои земји од Европската унија. Што се случува во пракса и дали може наскоро да се очекува тоа да профункционира и со кои држави?
Кутиров: Преземаме повеќе активности во оваа насока да го олесниме транспортот и трошоците за работење на нашите компании. Ги детектираме и анализираме бариерите што се лоцираат кај поголемиот број барани документи и повеќе физички контроли во земјите членки на ЦЕФТА, споредено со земјите членки на ЕУ, како резултат на неусогласени законски прописи и практики. Врз основа на ова се утврдуваат препораки според специфичностите на одредена земја и се трасира делувањето за надминување на претходно применуваните мерки кои се одразуваат неповолно.
Се усогласуваат националните процедури, операции и документи во земјите членки на ЦЕФТА со европското законодавство и меѓународните конвенции, стандарди и практики. Со ова, ќе се надминат досега упатуваните критики за поголемо чинење, повеќе изгубено време и барање на многу документи при тргување во земјите од Западен Балкан. Се анализираат документите и податоците што се бараат во сите фази на царинење, од гледна точка на усогласеност и неусогласеност со европските и меѓународните закони и прописи, за да се одреди и конкретизира поедноставувањето на царинските постапки, со креирани услови за ефикасен интегриран синџир на снабдување.

ИзвозМК:  Царинската управа е носител на проектот за нов Национален едношалтерски систем  за увоз и извоз, во кој учествуваат и другите институции надлежни за издавање на дозволи и контроли во прекуграничниот проток. До каде е реализацијата на овој проект и што можат компаниите да очекуваат од него?
Кутиров: Проектот за имплементација на нов Национален едношалтерски систем (National Single Window – NSW) се реализира како компонента во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан (Western Balkans Trade and Transport Facilitation Project – WBTTFP), финансиран со кредит од Светската Банка. Новиот Национален едношалтерски систем треба да го замени тековниот Едношалтерски систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки – EXIM. Царинската управа го имплементираше уште во далечната 2008 година, со што како единствена земја во регионот, се приклучи на листата на земји од ЕУ како дел од активностите за воспоставување на еЦарина. Царинската управа на национално ниво го воспостави т.н. Single Window концепт, една од најмоќните алатки за олеснување на прекуграничната трговија.
Со имплементација на новиот Национален едношалтерски систем се очекува да се развие и имплементира комплетен нов Национален Single Window систем во кој ќе бидат овозможени нови услуги за економските оператори, со цел понатамошно олеснување и забрзување на прекуграничната трговија и усогласување со регулативата и стандардите кои се применуваат во земјите членки на ЕУ. Покрај услугите за електронско издавање на сите потребни дозволи за увоз, извоз и транзит, во новиот систем се очекува соодветно да бидат интегрирани националните царински ИТ системи и системите на другите владини институции. Тие опфаќаат бизнис процеси од прекуграничниот проток на стоки, при што ќе се овозможат дополнителни услуги, како што се централна регистрација на економските оператори во ИКТ системите на ЦУ, услуги на е-плаќање на сите надоместоци за издавање на дозволите. Една од новините е и воспоставување и примена на заедничка анализа на ризиците во прекуграничниот проток на стоки, за што се планира и изработка на податочен склад, како основа за примена на современите алатки за бизнис и предиктивни анализи.
За навремена и ефикасна реализација на планираните проектни активности, формирана е Работна група за имплементација на Проектот во која учествуваат лица номинирани од клучните корисници на системот (Царинската управа и другите надлежни  владини институции). Согласно искуствата при управување и контрола на вакви големи проекти, Владата формираше и Комитет за управување со проектот кој го раководи заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи заедно со директорите на вклучените институции. Комитетот има задача да го следи напредокот на проектот за ефективно и ефикасно користење на ресурсите и обезбедување на навремено спроведување на предвидените активности.
Во тек се завршните активности од првата – подготвителна фаза која опфаќа анализа на законите, тековната состојба и проблемите и изработка на новиот модел на NSW (Blueprint). Блупринт документот вклучува и нов бизнис процесен модел, функционална и техничка архитектура и детална техничка спецификација за имплементација на системот. Инаку, изработката на овој документ се одвива паралено во трите земји од регионот, Северна Македонија, Албанија и Србија, при што за разлика од останатите активности од проектот, е финансирана како грант од фондови од Светска банка. Се очекува развојот и имплементацијата на новиот систем да започне почетокот на 2022 година и да заврши во 2024.
ИзвозМК:  Република Северна Македонија е прва земја во ЦЕФТА што ја започна постапката за меѓународно признавање на одобенијата за Овластен економски оператор (ОЕО), со што македонските компании ќе ги уживаат сите погодности на ЦЕФТА пазарот. Колку компании имаат вакви одобренија и колку навистина им носат погодности во надворешно трговското работење?
Кутиров: Да, ние сме првата држава во ЦЕФТА која го започна процесот за меѓународно признавање на издадените одобренија за Овластен економски оператор (ОЕО) за царински поедноставувања. Во февруари 2021 година успешно ја завршивме постапката за меѓународна валидација на Програмата за Овластен економски оператор (ОЕО). Во извештајот на меѓународните валидатори од земјите членки на ЦЕФТА, ЦЕФТА Секретаријатот, Европската Комисија и експерти на ГИЗ, со највисоко ниво е оценета Програмата за ОЕО на Република Северна Македонија, во кој е потврдено дека законски е усогласена со законодавството на ЕУ, а постапките и процесите се во согласност со меѓународните стандарди на ЕУ и на Светската царинска организација.
Статусот на ОЕО е меѓународно признаена марка за квалитет, која укажува на тоа дека економските оператори во Република Северна Македонија (производители, извозници, увозници, шпедитери, транспортери) во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни и дека нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени. Стекнувањето на статусот Овластен економски оператор претставува сертифицирање на трговското друштво, како сигурен и безбеден партнер на Царинската управа и сигурен и безбеден партнер во меѓународниот и регионалниот синџир на снабдување. Штом ќе станете ОЕО, во меѓународната заедница ќе бидете препознатливи како кредибилен бизнис партнер. OEO компанијата нуди низа поволности, како што се: намалени трошоци за трговски трансакции, приоритет при минување на граница, подобро управување и помалку контроли, меѓународно признавање и поголема вклученост во меѓународните трговски синџири.
Царинската управа во континуитет ги охрабрува македонските компании да работат на исполнување на стандардите за да се здобијат со статус на овластен економски оператор и на тој начин, придонесува за вклучување на македонските компании во глобалниот синџир на снабдување и зголемување на извозот. Царинењето на стоките во прекуграничната трговија е од исклучителна важност за подобрување на конкурентноста и на извозниците и на увозниците.  Досега 20 компании во Република Северна Македонија имаат статус на овластен економски оператор.

ИзвозМК: Европската Унија пред неколку месеци донесе олеснување на одредбите за потекло а стоки во преференцијалните договори со земјите членки на Пан-евро-медитеранскиот (PEM) регионот, меѓу кои е и Северна Македонија. Какви придобивки носат овие одредби за македонските компании?
Кутиров: Со ПЕМ конвенцијата се овозможува сите членки кои учествуваат во процесот и кои меѓу себе имаат договори за слободна трговија, да можат да користат суровини со потекло од регионот при производство на готови производи со потекло. Најголема придобивка на производ со потекло е дека при увоз за таа стока, царината ќе биде нула или намалена во однос на редовната царина што се плаќа при увоз. Република Северна Македонија започна постапка за измена на сите договори за слободна трговија што ги применува со земјите членки на ЕУ, ЕФТА, Турција, ЦЕФТА и Украина. Со новите правила за потекло ќе бидат воведени промени, кои треба да овозможат дополнителни намалувања и придобивки за бизнисите.
ИзвозМК: Потешкотиите кои ги предизвика пандемијата ја наметнаа дигитализацијата на процесите како неминовност. До каде е процесот на дигитализација на Царинската управа и колку компаниите ги прифаќаат овие нови трендови?
Кутиров: Уште во март 2020, веднаш по започнување на пандемијата, Царинската Управа почна со интензивна примена на видео-конференциските алатки за соработка и комуникација, интерно меѓу вработените и со надворешните соработници за навремена реализација на планираните проекти и активости. Овие алатки се покажаа како многу корисни и ефикасни. На тој начин, успеавме пандемијата да не ги наруши развојните процеси во дигитализацијата, опфатени во неколку области во рамки на Акциониот план за ИКТ развој на ЦУ 2021 – 2025.
Една од овие области е развој и имплементација на ИТ системите од програмата еЦарина, опфатени и во Повеќегодишниот стратешки план на ЕУ. Во таа насока, до крајот на 2023, се планира развој и имплементација на неколку нови системи: нов компјутеризиран транзитен систем (НКТС – Фаза 5), нов Систем за регистрација и идентификација на економските оператори (EORI), Единствено управување со корисниците и дигиталните сертификати (UUM&DS) и нов Национален едношалтерски систем (National Single Window – NSW). Паралено, планирани се унапредувања и интеграции со Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД) и Интегрираната тарифна околина (ИТО). Целиот овој развој треба да овозможи високо ниво на усогласување и интеропрабилност со системите и стандардите на ЕУ, како и нови олесувања и услуги за економските оператори учесници во царинската постапка.
Имплементацијата на овие системи и нивната интеграција со Европските царински системи, е еден од условите за влез на нашата држава во ЕУ. Од тие причини, Царинската Управа со посебно внимание и ангажман на вработените пристапува на овие активности, паралелно, следејќи ги најдобрите практики за планирање и управување со проектите за развој и имплементација на нови софтверски решенија.
Втора област на развој и унапредување е јакнење на контролната функција преку Развој и имплементација на нов Систем за управување со контролите и истрагите, кој треба да обезбеди консолидација на тековните процеси и да овозможи зголемување на динамиката и ефикасноста на инспекциите и истрагите кои ги врши царината.
Значајна област во дигитализацијата секако е и унапредувањето на ИКТ инфраструктурата. Во овој дел, во финална фаза, е реализацијата на Проектот за воспоставување доверлив податочен центар на оддалечена локација (т.н DisasterRecovery центар). Во тек е поставување и инсталација на потребната хардверска и софтверска царинска инфраструктура во склоп на новиот национален ДР центар на МВР во Прилеп. Паралелно, работиме и на надгрдаба и реконструкција на примарниот податочен центар лоциран во Царинската управа, а во тек се и активности за имплементација на нови безбедносни системи, како што е нов Систем за видеонадзор кој треба да се постави на сите царински локации.
Во делот на јакнење на инфраструктурата, Управата работи и на реконструкција и опремување на граничните премини Деве Баир, Ќафасан, Делчево и на новиот граничен премин Маркова нога во преспанскиот регион. Целта е стандардизација на граничните премини во поглед на инфраструктурната поставеност и начинот на функционирање. Тоа дополнително ќе придонесе за намалување на времето на чекање при премин на границите, побрзо транзитирање на стока и патници и намалување на трошоците за економските оператори. Со оваа динамика на тековно работење и развој, Царинската Управа целосно е подготвена за имплементација на новите интегративни процеси на регионот со цел зголемување на трговската размена помеѓу земјите од Западен Балкан и тоа, преку намалување на трговските бариери и забрзување на прекуграничниот проток на стоките, при тоа следејќи ги ЕУ практиките и стандардите.