Пандемијата со Ковид 19 предизвика огромни шокови во светската економија. Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) светската годинава ќе забележи пад од 3%, наспроти претходните проценки за раст од 3,2% годинава.
Американската економија да има пад од 6% при што невработеноста е на највисоко ниво во последните 70 години. Економијата на ЕУ годинава се прогнозира да забележи пад од 7%.
Економскиот крах кој го доживува светот е преголем, што ги поттикнува многу светски влади да размислуваат за политики и мерки за стимулирањето на економиите.
Според Светскиот економски форум во периодот на закрепнување на економиите ќе биде активиран најголемиот досега инвестициски пакет после финансиската криза од 2008.
Тоа треба да бидат инвестиции во инфраструктура која ќе биде одржлива, технолошки напредна и отпорна.
Земјите со ниско и средно ниво на приходи според Светскиот економски форум (СЕФ) за секој 1 долар во инфраструктура ќе имаат 4 долари поврат за економијата. На страната на понудата кога 1% од БДП е инвестиран во инфраструктура, економскиот аутпут се зголемува 0,4% во истата година, односно за 1,5% четири години подоцна.
Главниот фокус при инвестициите во инфраструктура треба да се стави на дигитализација на процесите и системите со кои подоцна ќе се создадат дополнителни заштеди, инвестирање во клауд компјутерски системи…
Понатаму, инвестиции во енергетска инфраструктура и обновливи извори на енергија, посебно добиена енергија од ветар и сонце, со кои ќе се намалат емисиите на гасови.
Исто така во пост кризниот период треба да се инвестира и во социјална инфраструктура од која ќе имаат бенефит општествата, како училишта и подобри здравствени системи, кои ќе користат најнови и најнапредни техники и иновации кои можат да одговорат на новото време.
Многу често се вели дека инфраструктура е основата на секоја една економија. Препораките од СЕФ се дека сега е време државите да инвестираат во изградба на инфраструктура која ќе може да го носи товарот на иднината.