Здравствената криза која ја предизвика пандемијата на корона вирус и мерките кои беа преземени против нејзиното ширење предизвикаа досега невиден прекин на меѓунардните текови.
Последните прогнози се дека заради пандемијата на корона вирусот трговијата во светот годинава ќе има пад помеѓу 13% и 32%, додека странските директни инвестиции ќе се намалат од 30% до 40%.
Но, пандемијата со Ковид 19 предизвика и многу големи пореметувања и прекини во глобалните синџири на снабдување што ги натера многу компании и држави да ги преиспитаат безбедноста и одржливоста на своите стратегии за снабдување и производство.
Синџирите на снабдување го обезбедуваат протокот на основните материјали сè до продажба на финалниот производ на крајниот корисник и тие со процесот на глобализација станаа се покомплексни и посложени.
Имено, во изминатите неколку декади Кина се наметна како централен играч во глобалните синџири на снабдување и стана најголема фабрика во светот. Многу светски корпорации отворија фабрики за производство во Кина, привлечени од ниските трошоци за производство, но и од дарежливите субвенции кои ги нудеа кинеските власти со цел да привлечат инвестиции во производство.
Но, откако Кина беше целосно затворена кон средината на јануари со избувнувањето на корона вирусот, многу индустрии кои се зависни од суровини и делови кои се произведуваат во Кина беа принудени да ги стопираат производните погони.
Пандемијата со корона вирусот и последиците кои ги имаше врз глобалните синџири на снабдување ги соочи многу компании и корпорации со фактот колку е ризично целата база на снабдување да се гради во една земја или еден регион.
Заради тоа, многу држави и компании веќе размислуваат за начини како да ја намалат зависноста од Кина, а се поактуеални се дебатите дека ланците на снабдување во иднина мора да бидат пократки и да имаат порегионален пристап кон трговијата. Многу држави меѓу кои САД, Франција, Јапонија… јавно повикаа на враќање на производството со повисока додадена вредност назад во матичните држави, а некои земји ја условија и државната помош за погодените индустрии со враќање на дел од производните процеси дома.
Пандемијата всушност ги забрза трендовите кои беа присутни и претходно кај многу светски корпорации, а кои се однесуваа на изградба на поодржливи и постабилни синџири на снабдување кои нема да зависат само од една земја или само еден регион, поттикнати во голема мера и од трговската војна помеѓу САД и Кина.
Очекувањата се дека во блиска иднина многу компании и индустрии од областа на автомобилската, фармацевтската, па и прехранбената индустрија ќе влезат во процес на стратешко реобмислување на своите синџири на снабдување.
При ова редефинирање ефикасноста и понатаму ќе остане главен приоритет на компаниите, заради што логично е да се очекува лоцирање на производството што е можно поблиску до пазарот за кој што е наменето тоа производство.
Кои се шансите за Македонија?
Овие процеси на редефинирање на глобалните синџири за снабдување отвораат можности и шанси и за македонската економија за привлекување на нови инвестиции или за зголемување на капацитетите во постојните фабрики кои веќе произведуваат за големите автомобилски брендови.
Македонија во изминатата декада, со влезот на странските производни инвестиции во слободните економски зони, доживеа забрзана интеграција во глобалните синџири на снабдување. Најголемиот дел од овие производни капацитети се вклучени во снабдувачките синџири на европската автомобилска индустрија и се директно поврзани со германската автомобилска индустрија.
Само минатата година, извозот од Македонија во Германија изнесувал 3,13 милијарди евра, од кој најголем дел отпаѓа на извоз на делови за автомобилската индустрија. Компаниите од индустријата за автомобилски делови, пак, создаваат над половина од вкупниот македонски извоз.
На врвот на агендата на многу европските компании од автомобилската индустрија е токму изнаоѓање начини како синџирите за снабдување од Кина да ги преместат поблиску до Европа. Односно, наместо автомобилските делови кои им се потребни да ги набавуваат од фабрики во Кина, да ги набавуваат од фабрики кои ќе бидат лоцирани поблиску до европскиот пазар.
Секако Кина не е можно да биде целосно заменета, бидејќи ниту еден друг пазар нема толкав капацитет, туку станува збор за делумна регионализација и скратување на ланците на снабдување преку преместување на производствата во одредени земји кои се поблиску до европскиот пазар.
Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава вели дека се уште се водат дискусии за тоа во која насока ќе се одвиваат овие процеси и кои држави и во која форма ќе бидат засегнати од новото поставување на синџирите за снабдување.
Новото редефинирање на ланците за снабдување објаснува Мартенс не значи дека тоа задолжително ќе значи нивно целосно преместување надвор од Кина, туку дислоцирање низ различни региони во Кина или на други локации низ Југоисточна Азија.
“Но, исто така како локации кои се разгледуваат се и земјите од Западен Балкан, Украина, Турција, Мароко, Белорусија за кои се смета дека се блиску до Западна Европа, а кои во изминатите 10 години имаа значителни инвестиции во индустриското производство. Северна Македонија веќе докажа дека е поволна дестинација за инвестирање и со отворањето на технолошките индустриски зони прати јасен сигнал дека е отворена за странски директни инвестиции. Северна Македонија може да профитира од овие процеси. Но, за тоа да се случи државата треба да си ја заврши домашната работа и да води веродостојна политика во однос на привлекувањето на нови странски инвеститори за да им го олесни патот до донесување на одлуката за инвестирање”, вели Мартенс.
Како најголеми предизвици Мартенс ги посочува пазарот на трудот и расположливата работна сила и правната сигурност во земјата.
“На инвестициите во делот на развојни технологии им е потребен работоспособен кадар. Многу е важно да се инвестира во поквалитетно образование и здравство, бидејќи само на тој начин ќе се задржат младите луѓе во земјава. Понатаму она што е важно за инвеститорите е да имаат правна сигурност при долгорочното планирање. Да, даночните олеснувања се важни, но подеднакво важни се независното судство и владеењето на правото во вистинска смисла на зборот. За инвеститорите е важно земјата да има има добар и лесен пристап до пазарот и клиентите до Западна Европа”, вели Мартенс.
Според него, постои можност дел од инвестициите кои првично инвеститорите ги планирале да ги инвестираат во Кина да се пренасочат кон македонскиот пазар и кон регионот на Западен Балкан, но тоа ќе зависи и од развојот на состојбата и политиката во Кина.
Во однос на германските фабрики во земјава, Мартенс вели дека со оглед на новонастаната ситуација со пандемијата на корона вирус, тие треба најнапред да проценат дали и колку ќе ги исполнуваат своите капацитети согласно со барањата на клиентите од Германија.
“Германските компании во земјава различно беа погодени од кризата. Некои беа повеќе погодени, додека некои компании планираат да ги зголемат своите инвестиции и да инвестираат и на други локации низ земјата”, вели Мартенс и додава дека неодамна донесениот Закон за стратешки инвестиции може да даде придонес во однос на зголемувањето на инвестициите во индустриското производство.
Пораката на Мартенс е дека државата да се насочи кон шансите и да работи на подобрување на слабостите, за да може во периодот по корона кризата да биде конкурентна во привлекувањето странски директни инвестиции и во влегувањето во синџирите на снабдување.
Според Виктор Мизо, извршен директор на Костал Македонија после децениските тенденции на минимизирање на трошоци и максимизација на ефикасноста, кои доведоа до неизбежен забрзан тренд на глобализација, едно од клучните очекувања за пост-кризно сценарио е фокус на стабилноста на постоечките ланци за снабдување.
“Од самиот почеток на кризата, споредбените податоци за секоја земја им се на располагање на сите глобални консултантски компании, што само ги олеснува стратешките анализи на големите компании кои се фокусирани на пост-кризни сценарија.
Во таа смисла, ние како држава се уште имаме можност да ја подобриме сликата за поволна локација за инвестирање или проширување, но истовремено и да успееме да ги задржиме сите постоечни инвеститори со соодетна подршка”, вели Мизо.
Некои експерти сметаат дека државата би требало што е можно побрзо да излезе со добро осмислена стратегија за привлекување на инвеститори кои бараат алтернативни локации за снабдување надвор од Кина, таргетирано претставување на она што го нуди Македонија пред одредени индустрии, при што постојните фабрики кои работат во зоните би биле добар канал за промоција.
Но, за да привлечеме дел од производството кое ќе се преместува од Кина подразбира дека производството во Македонија треба да биде исто толку конкурентно како и во другите земји како Србија, Романија, Унгарија, Полска, Мароко, Тунис, Турција …
Колку за споредба Мароко и Турција, кои иако не се во ЕУ, имаат целосно усогласен царински систем со европскиот. Во Македонија, заради застарениот и неревидиран царински систем уште од екс Југославија, постојат царини кои производителите на автомобилски делови мораат да ги плаќаат за увоз на делови или суровини иако тие воопшто не се произведуваат во земјата, што го поскапува нивното производство.
Во таа насока, крајно време е Македонија да направи план со кој ќе се зголеми конкурентноста на производството во земјата на секое ниво и на секој инпут – суровини, енергетика, транспорт, логистика, работна сила, царини, финансии…
Андреја Митевски, кој има долгогодишно искуство во управување со глобалните синџири на снабдување смета дека кризата со Ковид 19 отвора шанса и можност, но колку тие ќе се искористат зависи од тоа како државата ќе се постави.
“Промената на глобалните синџири на снабдување ќе се случи и се случува, дали тие ќе се префрлат кај нас зависи од исполнувањето на определени услови, како инфраструктура, образование, работна сила, даночна политика и финансирање”, вели Митевски.
Според него, државата треба да подготви акциски план со фокусирано делување и инвестиции во подобро инфрастрктурно поврзување, поквалитетен образовен систем, кој ќе произведува работна сила за современите потреби, даночни реформи и нови економски зони со обврска за вклучување на домашни фирми во синџирот на снабдување.
Дали државата ќе ги искористи шансите кои ги отвoра оваа криза на крајот повторно ќе зависи од тоа дали има доволно политичка волја и капацитет да се направат потребните реформи во клучните економски области?
Голема штета би било да се пропушти и оваа криза за да се направат потребните реформи кои се одложуваат со години наназад. Посебно што станува збор за реформи од кои корист ќе имаат сите компании, домашни и странски, бидејќи нивното производство ќе стане поконкурентно.