Пандемијата на коронавирус ќе го отвори патот за „ерата на бакарот“, пишува CNBC.
Според директорот за енергетика, клима и ресурси на Евроазиската група, Хенинг Глоистин, зголемените инвестиции на владите ширум светот ќе ја зголемат побарувачката за овој црвен метал.
Според Глоистин, пандемијата ќе ги зголеми инвестициите во животната средина и дигитализација поддржани од владите, „најавувајќи го претстојниот пораст на побарувачката за бакар“.„Огромните зелени и дигитални програми за стимулирање, особено во Азија и во Европа како на пример електрични возила, мрежи од 5G и обновлива енергија бараат големи количини на црвен метал, заради што ќе се создадат услови за раст на побарувачката на бакар“, смета Глоистин.

Побарувачката за бакар можеби годинава да се намали за 5% заради рецесијата предизвикана од пандемијата, но широките мерки за фискална стимулација ќе ја зголемат побарувачката на метали на нивото пред кризата уште следната 2021 година.
Трговците и рударите очекуваат потрошувачката на бакар да порасне за 4% во 2021 година.
Според Евроазиската група, програмите за чиста енергија и дигитализација се очекува да ја зголемат просечната годишна побарувачка за бакар за 2,5 проценти оваа деценија, што може да доведе до потрошувачка од 30 милиони тони до 2030 година.


Корист од растечката побарувачка за бакарот може да има и рудникот Бучим од Радовиш, кој е еден од најголемите извозници во земјата, со извоз од околу 50 милиони евра минатата година. 


Промените во политиките во Азија и во Европа ќе играат важна улога во зголемувањето на побарувачката, а промените во транспортот ќе бидат „најголемиот поединечен двигател на зголемената употреба на бакар“.

Индустријата за електрични возила моментно сочинува само 1% од побарувачката за бакар. До 2030 година, многу аналитичари очекуваат таа бројка да достигне 10%.

Се очекува само Кина да инвестира стотици милијарди долари во дигитализирање на својата економија во текот на следната деценија, додека државите низ целиот свет се обврзаа на масовни инвестиции во зелената инфраструктура и електричните возила. Бакарот ќе биде клучен инпут во речиси сите индустрии што ќе се промовираат.