Транзицијата во светот кон почисти извори на енергија добива на брзина бидејќи пандемијата на коронавирус го забрзува поместувањето на инвестициите далеку од фосилните горива, наведува Меѓународната агенција за енергија.
Капиталните трошоци и инвестиции во енергија оваа година се очекува да паднат за 18%, бидејќи се очекува глобалното побарувачка на енергија да се намали за 5% во 2020 година, пад што не е забележан од Втората светска војна, наведува агенцијата со седиште во Париз во својот годишен извештај за иднината на индустријата.
Но, предвидените намалувања на инвестициите не се еднакви, нагласувајќи ја разликата во она што компаниите, пазарите и инвеститорите се подготвени да го финансираат.
Според IEA, обновливите извори на енергија се држат подобро од кој било друг извор, додека инвестициите во нафта и гас бележат најголем пад.
Проектите за соларна енергија и енергија од ветер имаат корист од падот на трошоците, како и од широко распространетата владина поддршка и монетарните политики кои поддржуваат ниски каматни стапки.
IEA очекува обновливите извори да обезбедат 80% од растот на глобалната побарувачка на електрична енергија до 2030 година.
„Соларната енергија е новиот крал на пазарите на електрична енергија“, изјави извршниот директор на IEA, Фатих Бирол, според кој се случува голем бум во обновливите извори на енергија.
Марк Флоријан, раководител на глобалните фондови за енергетска инфраструктура во BlackRock Inc., најголемиот светски менаџер на средства во светот, смета дека некои инвеститори се привлечени од стабилните приноси што можат да ги обезбедат обновливите проекти, но дека расположението не е универзално.
„Дефинитивно гледаме понатамошен раст на инвестициите во обновлива енергија и одредени институционални инвеститори кои се залагаат посилно, но не би рекол дека тоа е сеприсутно“, вели тој.
Но, според IEA, нафтата и гасот ќе останат да бидат значаен извор на енергија и во следните неколку декади. Проценките се дека побарувачката на нафта се очекува да продолжи да расте во економиите во развој, како што се Кина и Индија, што ќе доведе глобално побарувачката на нафта да се опорави на нивоата пред пандемијата во 2023 година.
IEA предвидува дека нафтата и природниот гас сепак се очекува да сочинуваат речиси половина од глобална енергетска мешавина во 2040 година, дури и според сценариото кое проектира одржлива поддршка на владата за инвестиции со ниско ниво на јаглерод.
Некои од најголемите енергетски компании во светот веќе започнаа да ги преиспитуваат идните инвестиции со стратегија за оддалечување од нафтата и поголемо вртење кон обновливите извори на енергија.
Меѓу нив е BP PLC која прогнозира дека побарувачката на нафта го достигнала врвот непосредно пред пандемијата, која само ги зголемува предизвиците за нафтата во иднина.
Француската енергетска фирма „Тотал СА“ минатиот месец соопшти дека ќе ги зголеми трошоците за обновливи извори до 3 милијарди долари годишно до 2030 година, наспроти 2 милијарди долари годишно.
IEA, советодавно тело за 37-те богати нации на Организацијата за економска соработка и развој, кое ги вклучува САД, Германија и Јапонија, рече дека годишната побарувачка на земјите членки за нафта веројатно веќе го достигнала врвот, и дека побарувачката за нафта нема да се врати на нивото од пред пандемијата.
Иако, пандемијата предизвика пад на инвестициите во фосилни горива на краток рок и се предвидува пад од 7% на емисиите на стакленички гасови поврзани со енергијата во 2020 година, IEA смета дека тие влијанија може да бидат краткорочни ако не се преземат поголеми напори од страна на владите.
Кина, првата земја што ја беше погодена од пандемијата и прва ја рестартираше својата економија, веќе бележи пораст на нивото на емисии на нивото од пред пандемијата, се вели во извештајот на IEA.
Заради тоа од IEA сметаат дека се што се гради треба да биде базирано на чиста енергија, а истовремено да се делува на постојната енергетска инфраструктура.
Извор: Wall Street Journal