Продолжете да бидете активни и да вложувате во развојот на вашите компании и во човечкиот потенцијал. Владата и понатаму ќе продолжи да биде вашиот партнер и поддршка, ќе креираме нова развојна економија, им порача на стопанствениците вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по посетата на скопската компанија Раде Кончар ТЕП, која, како што рече, е позитивен пример на фирма што со успех работи и во време на пандемија и е една од 400-те компании што добија директна поддршка од Министерството за економија за зголемување на нивната конкурентност на домашниот и меѓународниот пазар.
“Оваа компанија во изминатите две години се осмели и инвестираше речиси три милиони евра во унапредување на процесите и бележи сериозен раст на приходите и раст на бројот на вработени”, рече Битиќи, кој му честиташе на менаџментот на Раде Кончар ТЕП за храброста да инвестираат во време на пандемија и да работат на воспоставување нови современи технологии и креирање на нови работни места.
Сопственикот на Раде Кончар ТЕП, Горан Антевски истакна дека во последните три година најмногу инвестирале во екологијата и во подобрување и зголемување на производството.
“Овие инвестиции придонесоа да го зголемиме производството и бројот на вработени. Само во последната година бројот на вработени е зголемен за околу 20%, а со зголемувањето на бројот на вработени за рекордни 65% во 2020 година се зголеми и производството на компанијата. Се надевам дека 2021 година ќе биде подобра и дека новите инвестиции и новите проекти ни носат подобар развој на компанијата”, рече Антевски.
Владата преку проектите на Министерството за економија и Агенцијата за развој, посочи, ни овозможи со дел од средствата да ги спонзорираат проектите кои ги реализиравме.
Битиќи нагласи дека економските мерки кои ги презема Владата за справување со последиците од пандемијата вродуваат со плод и додаде дека индексот на индустриското производство во декември 2020 година покажа раст од 2,5 % во споредба со истиот месец од претходната година.
“Освен кризните мерки ние реализиравме рекордна поддршка во стопанството кога станува збор за развојни проекти на компаниите. Тоа се средства кои и во услови на криза ги издвоивме за поддршка на стопанството затоа што сметаме дека компаниите кои работат во нашата земја мора подготвени да влезат во постковид периодот, посочи Битиќи и нагласи дека во 2020 година биле поддржани над 840 компании со повеќе од 65 милиони евра.
Со над 17 милиони евра, додаде, биле поддржани 400 инвестициски проекти на компании кои вложиле во периодот на кризата, а преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите и мерките од Планот за економски раст со 11,5 милиони евра се поддржани 140 компании кои инвестирале во 2019 година. За 39 странски компании кои функционираат во зоните и надвор од нив преку мерките за кои се склучени договори во 2020 година се исплатени 25,6 милиони евра, а преку инструментите на ФИТР во 2020 година се исплатени 8,5 милиони евра на 266 компании.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека лани се одлучиле и да ги помогнат и компаниите кои имале храброст и во услови на пандемија да инвестираат, да ја зголемат нивната конкурентност и македонските производи да бидат пласирани и на други пазари.
“Ќе продолжиме да креираме мерки во оваа насока и ќе го поддржиме стопанството, а особено компаниите кои се извозно ориентирани. Веќе разговараме за измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со цел да го прилагодиме законското решение со последните случувања кои произлегуваат од пандемијата и да се сменат критериумите за 2020 година за да можат компаниите да навлезат во дополнителни инвестициски проекти како што го правеа тоа и во претходната година”, посочи Бектеши и додаде дека 400-те компании до крајот на 2021 година ќе ги завршат нивните инвестициски планови во вкупна вредност од над 90 милиони евра.