Со поддшка на фармацевтската компанија “Алкалоид” денеска се отвори
првата парцијално-дуална паралелка со назив “Фармацевстки техничар во фармацевтската индустрија” во средното стручно училиште СМУГС ,,д-р Панче Караѓозов“ Скопје.
Претставникот на АД Алколоид и координаторот на проектот Никола Ефтимов истакна дека претставува голема чест за компанијата да се учествува во една ваква иницијатива за развој на млади кадри и додаде дека за учениците е многу важно да видат како со труд може да се има кариера во една од најдобрите компании која знае како да се грижи за своите вработени.
“Наставната програма што ќе се изучува во рамките на овој нов профил е наменски креирана во согласност со потребите на фармацевтската индустрија и е прва од ваков вид во нашата држава. Наменета е за ученици од 3. и од 4. година средно стручно образование, со цел нивно целесообразно обучување, преку директно вклучување во работниот процес во „Алкалоид“ АД. Вложуваме и градиме млад кадар, со цел негова зголемена конкурентност на пазарот на трудот и можност за вработување веднаш по завршувањето на средното училиште. Ѝ посакуваме успешен почеток на училишната година на првата генерација ученици во новата паралелка”, велат од компанијата “Алкалоид”.
Отворањето на новата паралелка, за која имаше огромен интерес и во која ќе учат 23 ученици е во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука како одговор на потребите на стопанството, а воедно и како резултат на дефицитот на стручни работници во компаниите во национални рамки.
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање стакна увереност дека вложувањето во средното стручно образование ќе резултира со создавање на нови и квалитетни образовни профили и ќе се ефектуира врз растот на националната економија и справување со проблемот на заминувањето на младите надвор од земјата.
„Со огромно задоволство можам да заклучам дека визијата на Владата и на Министерството за образование и наука се потврди како блиска и привлечна за младите кои многу бргу ја препознаа шансата. За ова зборуваат и бројките по завршувањето на двата уписни рока за оваа учебна година во средните училишта во Република Северна Македонија каде најголем број од запишаните ученици односно дури 64% го одбраа токму средното стручно образование“, рече премиерот Заев.
Премиерот ја поздрави визијата и претприемничкиот дух на компанијата АД Алкалоид која ќе обезбеди заштитна опрема, систематски прегледи, топол оброк и месечни стипендии од 3.000 денари за секој од овие ученици во текот на нивното школување.