Специјализираниот портал ИзвозМК (www.izvoz.mk) го издаде специјалното издание ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, во кое се објавува рангирање на најголемите извозници во Р.С.Македонија, рангирани според извозот, односно приходите од продажба на стоки на странски пазари остварени во изминатата 2019 година.

Станува збор за проект кој има за цел да придонесе кон подигање на свесноста на јавноста и носителите на економските политики за важноста на извозот и потребата од градење на силна институционална поддршка на извозните компании, со цел  остварување на повисок економски развој и подобар животен стандард за граѓаните.

Да се биде извозник е најголема потврда за успехот во работењето на една компанија. Ако извозот е најдобар параметар за мерење на конкурентноста, тогаш ова се компаниите кои се шампиони на македонската економија.

Ова се компаниите кои се пример за успех, кои континуирано се развиваат, инвестираат, кој најмногу вработуваат, донираат, кои се респектабилни дома, но и во меѓународни рамки.
Извозниците се најздравото ткиво во економијата. Иако работат на мал и неразвиен пазар, тие успеваат со своите производи да се натпреваруваат на светскиот пазар, каде што владее тотална конкуренција, со компании кои се многу поголеми и кои имаат далеку поголема поддршка од матичните држави.

Најголемите Топ 100 Извозници прават извоз на стоки од 4,66 милијарди евра и создаваат над 72% од вкупниот извоз на државата.


Доколку сте заинтересирани да набавите примерок од едицијата Топ 100 Извозници,  тоа можете да го направите преку следниве мејл адреси: marketing@izvoz.mk или contact@izvoz.mk.
Цената на еден примерок од изданието Топ 100 извозници во печатена форма на 76 страници во високо квалитетен печат е 500 денари.


Најбројни на листата Топ 100 Извозници се компаниите од автомобилската индустрија и од прехранбената индустрија. Повеќе од евидентна е големата концентрација на извозот на една индустрија-автомобилската индустрија, од што се наметнува како итна потребата од диверизфикација на извозот, но и зголемување на бројот на извозни компании.

Bо изданието Топ 100 Извозници ќе може да прочитате и повеќе интервјуа со најголемите извозници од различни индустрии, секторски анализи на најважните извозни индустрии, предвидувања и понуди на производи и услуги за извозните компании од банките и финансиските институции, колумни..
Фокусот на едицијата е ставен на мерките и економските политики кои се потребни за да се поддржи извозот за побрз економски раст во периодот на пост Ковид 19 заздравување.

Извозот е шанса за рестарт на економијата погодена од корона кризата

Последнава криза предизвикана од корона вирусот покажа колку е опасно економскиот развој да се базира само на прилив на странските инвестиции и да се нема диверзификација, но и колку е важно да се има домашно производство во клучните индустрии, како лекови и храна.

Лекцијата од оваа криза е дека само преку силни домашни компании и силна локална индустрија и производство, а тоа за мали држави значи преку поголем извоз со додадена вредност, може да се обезбеди одржлив економски раст и развој и подобар животен стандард.
Заради тоа, Владата во следниот период треба да ги искористи сите инструменти на економската политика со цел да ги поддржи компаниите повеќе да произведуваат, да бидат поконкурентни и да излезат на странските пазари.
Извозот е големата шанса преку која македонската економија може побрзо да излезе од оваа криза.