Србија годинава очекува да оствари девизен прилив од околу 650 милиони долари од извоз на овошје, и покрај фактот дека приносот ќе биде помал за околу 5% од лани, вели Зоран Кесеровиќ, професор на Земјоделски факултет во Нови Сад и експерт за овошје.

Само во првите три месеци од оваа година, Србија извезела околу 56.000 тони јаболка по просечна цена од 0,73 евра за килограм.
Само во 2019 година Србија остварила прилив на девизи од околу 120 милиони долари само за извоз на јаболка.

Колку за споредба од Македонија минатата година е извезено овошје во вредност од околу 57 милиони долари, а само од извозот на јаболка лани е остварен девизен прилов од 20,6 милиони долари.

Кесеровиќ смета дека годинава се очекува поголема побарувачка за овошје заради намалената понуда и дека цените ќе бидат високи, највисоки во последните десет години.

Најголем девизен прилив Србија остварува од извоз на смрзнати малини, годишно над 230 милиони долари, а просечната цена по која се продаваат српските малини изнесува од 1,90 до 2 евра по килограм.

Според Кесеровиќ, државата не сторила ништо за подобрување на технологијата на производство на малина, чиј извоз остварува најголем прилив на девизи по извозот на пченица.
„Малините не можат да се одгледуваат без наводнување и против градобијни мерки, а садниот материјал не смее никако да биде заразен со вирус“, рече Кесеровиќ.

Според него „зборот на експерти не се слуша во Србија и дека некомпетентни луѓе седат во Министерството за земјоделство на Србија затоа што владее партократија“.
Според него, земјоделството во Србија е стратешка гранка на економијата на земјата.
„Во ред е да се развиваат и извезуваат информатички технологии, но цели семејства живее од извоз на овошје и вработува дополнителна работна сила“, смета Кесеровиќ.