Владата на Србија на денешната седница донесе одлука за новата максимална малопродажна цена на млекото.

Уредбата предвидува новата цена за литар долготрајно млеко со 2,8 % млечна маснотија да изнесува 128,99 динари.

Владата ја промени и максималната трговска маржа која сега наместо 12% ќе изнесува 5% отсто за сите видови млеко со долг век на траење.

До 30 септември е воведена забрана за извоз на свежо млеко и одредени млечни производи.

Српските фармери изминативе денови посочуваа дека поради зголемените трошоци за производство на сурово млеко, поскапувањето на храната и сушата, намалено е производството на сурово млеко, но и откупот.

Оваа одлука на Владата на Србија треба да го спречи недостигот и да ја регулира понудата на пазарот.

Претходно, на 30 август, Владата на Србија ја продолжи важноста на Правилникот за ограничување на цената на основните прехранбени производи, а со тоа и цената на млекото до денеска беше ограничена на 119,99 динари.

Недостигот на млеко во Србија сигурно би се одразил и врз производството и снабдувањето со млеко во Македонија, со оглед дека најголем дел од увозот на млеко е токму од соседна Србија. Според податоците од Државниот завод за статистика, Македонија во првите шест месеци годинава увезла 26 милиони килограми млеко и млечни производ во вредност од 37 милиони евра. Најголема количина или 11,3 милиони килограми во вредност од 9,5 милиони евра биле увезени токму од Србија. Вредносно најголем увоз од 10,3 милиони евра е направен од Германија, но најголем дел е увоз на кашкавали и путери. Количински најголем увоз на млеко и млечни производи или околу 40% од вкупните количини е од соседна Србија.

Засега не е прецизирано дали извозот на млеко ќе важи за сите земји. Претседателот Вучиќ во петокот на Самитот „Отворен Балкан“ којшто се одржа во Белград рече дека било каква забрана за извоз на храна или земјоделски производи да донесе Србија, таа нема никогаш да важи за за Македонија и Албанија.