Србија планира годинава да започне производство на руската вакцина која би ја извезувала и во целиот регион

Србија ќе инвестира колку што е потребно за да започне со производство на руската вакцина против коронавирусот „Sputnjik V“ до крајот на годината, изјави денеска претседателот на Србија, Александар Вучиќ за Ројтерс.
Вучиќ рече дека постигнал принципиелен договор со претседателот на Русија, Владимир Путин, за започнување на производството, што тој го опиша како „комплицирано и тешко“.

„Во моментов, ние немаме (производни) капацитети (за „Sputnjik V“), но ќе ги градиме. Не е важно колку ќе чини, ќе инвестираме“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека целта на Србија ќе биде да произведува руска вакцина не само за свои потреби, туку и за извоз во земјите од регионот.

Тим од руски експерти, потсетува Ројтерс, треба да ја посети Србија следната недела за да разговара за локалното производство на вакцината „Sputnjik V“.

Ројтерс наведува дека Србија е една од првите европски земји што започнала масовна вакцинација, со милион купени дози на вакцина на кинеската државна компанија „Синофарм“.

Агенцијата проценува дека на тој начин земјата „профитирала од блиските врски со Кина, која инвестираше милијарди во Србија“.

„Со повеќе од 530.000 лица вакцинирани против коронавирусот, што сочинува околу 7,5% од населението, Србија е рангирана на четвртото место во светот според стапката на вакцинација на 100 лица, зад Израел, Велика Британија и САД“, пренесува Ројтерс.

Србија очекува да добие 200.000 дози вакцина „Спутник В“ во февруари, 500.000 дози вакцини од кинеската компанија „Синофарм“, околу 90.000 дози вакцини од компаниите Фајзер и Бионтек, како и првата количина од 100.000 дози на вакцина од Астразенека.

Вучиќ рече дека оваа година Србија ќе одвои меѓу 200 и 300 милиони евра за набавка на доволна количина вакцини, односно до 0,7% од Бруто домашниот производ, потсетува Ројтерс.