Во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ и кинескиот претседател Си Џинпинг во вторникот во Пекинг беше потпишан Договор за слободна трговија меѓу Србија и Кина, во кој ќе бидат вклучени 10.412 српски и 8.930 кинески производи, соопшти Владата на Србија.
Кога Договорот за слободна трговија ќе стапи на сила многу српски производи ќе можат да се извезуваат на кинескиот пазар од 1,4 милијарди жители без царина, што е шанса за зголемување на извозот на српските компании, но исто така ќе ја направи Србија многу интересна за инвестирање.
Со потпишувањето на Договорот за слободна трговија со Кина, српската економија го освои најголемиот пазар во светот, а неговата имплементација ќе овозможи нови инвестиции во Србија, како и нови работни места, повисоки плати и пензии за граѓаните, изјави српскиот министер за трговија Томислав Момировиќ.
„Кога ќе стапи на сила Договорот за слободна трговија со Кина, а се надеваме дека тоа ќе биде пред јуни, голем број земјоделски производители, особено оние кои се занимаваат со овошје, ќе можат да ги извезуваат своите производи во Кина без царина. Договорот не е важен само за земјоделците и нивните производи, туку и за другите делови од српската економија“, истакна Момировиќ.
Тој додаде дека со договорот се опфатени голем број производи од машинската индустрија, како што се железото и челикот, како и производите од фармацевтската индустрија.
Момировиќ нагласи дека придобивките од Договорот ќе ги почувствуваат и производителите на вино, чија трговија ќе биде либерализирана во следните пет години и додаде дека „царините сега се 42% и дека секоја година ќе се намалуваат за 20%, а по пет години тие ќе бидат нула, па на тој начин српските бизнисмени ќе имаат огромна предност пред другите европски производители“.
„Овој договор ќе овозможи петкратно зголемување на шансите на Србија. Да имаме уште повеќе инвеститори и во оваа прилика ги повикувам нашите деловни луѓе да ја препознаат можноста и да инвестираат на овој пазар, бидејќи веќе го гледаме интересот на кинеските бизнисмени. Ова е историска можност за нашите бизнисмени и затоа е важно да ја препознаеме со цел да го зголемиме извозоти во Србија да дојдат повеќе квалитетни кинески компании“, рече Момировиќ.