Српската групација Нелт објави дека официјално ја отворила својата фабрика за бонбони во Специјалната економска зона во Луанда, Ангола, во која е косопственик преку својата компанија Нелт ЛДА

На официјалниот настан присуствуваа голем број високи личности од Ангола и Европа, меѓу кои и министерот за индустрија и трговија, Виктор Фернандес, кој заедно со косопствениците симболично ја пресече лентата на новата фабрика.

– Инвестициите во новата фабрика се над 20 милиони евра. Во моментов вработуваме 90, а очекувамe за две години работа во фабриката да најдат над 150 работници. Со производствен капацитет од 6.700 тони годишно, дневното производство брзо ќе надмине 15 тони бонбони, лижавчиња и гуми за џвакање – изјави Борис Мачак, извршен потпретседател на Nelt Group за африкански пазари.

Нелт, во соработка со локалната партнерска компанија Oxbow и со помош на Владата и развојните агенции на Ангола, го реализираа овој гринфилд проект во рок од три години.

Нелт работи во Ангола, Замбија и Мозамбик, каде што вработува повеќе од 500 луѓе. Компанијата очекува наскоро да освои 20 отсто од пазарот на бонбони, гуми за џвакање и лижавчиња во Ангола.

– Candy Factory има амбиција да биде национално и регионално призната како компанија која произведува анголски брендови. Верувам дека силно ќе влијаеме на растот на категоријата бонбони, лижавчиња и гуми за џвакање и дека наскоро ќе ја преземеме водечката улога во оваа категорија со пазарен удел од 20%, најави Милена Киселички, директорка за операции и развој на Фабрика за бонбони.

Nelt Co Ltd. е основана во 1992 година како компанија чија основна дејност е трговијата. Од мала компанија за трговија на големо, Нелт прерасна во водечка компанија во Србија во дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, фармацевтски производи и тутунски производи, како и обезбедување на логистички услуги.