Стопанската комора на Македонија, на почетокот на декември, ја започна промоцијата на работниот материјал „Македонската економија во тековниот период и во периодот на постковид 19“, која низ повеќе активности ќе трае до крајот на годината, а во таа насока беше и денешната прес-конференција, на која беа нагласени дел од приоритетите, односно насоките и чекорите што треба да се преземат во насока на раст на извозот, а со тоа и на соодветниот проток на стоки низ границите, тргнувајќи од фактот дека овие активности се од клучно значење за идно раздвижување на македонската економија.
Во своето обраќање в.д извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ, посочи дека во наредниот период потребно е активно да се работи на преземање активности во насока на раздвижување на надворешно-трговската соработка и тоа преку намалување на царините за прехранбените производи и за медицинските материјали што се дефицитарни на домашниот пазар и што не можат да се обезбедат од домашните производители, преку намалување на увозните и на извозните давачки, преку поедноставување или укинување на непотребните административни процедури и преку рационализирање на трговските процедури.
За извозно-ориентираните компании, особено за оние кои не се дел од големите странски групации и кои сами, со ограничени ресурси, се борат на странските пазари, потребно е да се обезбедат дополнителни мерки за помош, со цел одржување на нивните капацитети и на бројот на вработени. Од особено значење ќе биде преземањето мерки во насока на поддршка на ликвидноста на дел од компаниите кои се останати или е можно да останат без обновени договори за работа, преку обезбедување грантови и бескаматни заеми. Исто така, потребно е да се разгледаат и можностите за вклучување на овие компании во јавните набавки и во новоотворените проекти од страна на државата, во рамки на реализацијата на планираните капитални инвестиции.
Потребно е во што поскоро време да се воведе механизам за поттикнување на нето-извозот и на додадената вредност, што ќе придонесе за значително зголемување на ефектите врз домашната економија. Со овој механизам се создава мотивирачки елемент за насочување на инвестициите на приватниот сектор кон активности што во поголем обем се потпираат на домашни ресурси (работна сила, суровини, знаење, технологија). Покрај домашните компании, ваквиот механизам би ги поттикнал и странските инвестиции во земјава да користат повеќе домашни ресурси, покрај работна сила. Користењето на механизмот на подолг рок ќе доведе и до преструктуирање на домашната економија, од аспект на факторите што го генерираат растот, со поголем позитивен ефект врз целата економија – истакна Пеева-Ѓуриќ.
Со цел поддршка на извозните активности на домашните компании, неопходно е државата да креира политики за изнаоѓање алтернативни извозни пазари, со кои извозно-ориентираните компании ќе го диверзифицираат ризикот поврзан со продолжување на кризата во Европа, а и во периодот на постковид 19. Импулс би можело да даде интензивирањето на економската дипломатија, како и утврдувањето на статусот на договорите за надворешна трговија на Република Северна Македонија со другите земји од светот. Притоа, нашата земја треба максимално да ја искористи можноста што ја дава паневромедитеранската дијагонална кумулација, што за Македонија важи во целост од мај 2020 година.
– Не е помалку важно да се направат и извесни олеснувања во сферата на даноците. Покрај адресирање на прашањето за висината на царинските стапки, важно е и прашањето за стапките на ДДВ при увоз. Олеснувањето во овој сегмент сигурно ќе има повеќекратен позитивен ефект, прво за стопанството, а ефектите на друга основа подоцна ќе ги почувствува и државата – посочи Пеева-Ѓуриќ.
По затворањето на границите кон крајот на март, Стопанската комора на Македонија, заедно со партнерските комори од Западен Балкан, преку Коморскиот инвестициски форум апелираше за наоѓање решение во насока на олеснување на протокот на стоки, за што надлежните институции, пред сѐ Царинската управа, веднаш презедоа оперативни чекори за редовно следење на проодноста на транспортните коридори со соседните земји, преку т.н. зелени коридори, кои беа воведени кон средината на април 2020 година.
Со цел натамошно развивање на концептот на зелените коридори или зелени ленти, неопходно е веднаш да се пристапи кон примена на акцискиот план за заеднички регионален пазар, кој беше усвоен на Самитот во Софија на 10.11.2020 година, каде што беше предвидено во најкус можен рок да биде изведено поврзувањето на зелените ленти од регионот ЦЕФТА во однос на граничните премини на овие земји со државите членки на ЕУ.
На крајот би издвоила и една системска мерка – потребата за измена на Законот за царинска тарифа – со цел нејзино подобро усогласување со потребите на бизнис-секторот, во насока на создавање предуслови за подолгорочно одржлива конкурентност и за привлекување нови, странски, директни инвестиции. Се работи за огромен зафат, кој бара долгорочен ангажман, но е процес кој сериозно може да влијае врз раздвижување на состојбите – заклучи Пеева-Ѓуриќ.
Во своето обраќање, директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, м-р Ѓоко Танасоски, истакна дека Царинската управа е целосно посветена на примена на препораките наведени во материјалот „За посилна македонска економија“ и сите препораки што се однесуваат на царинското работење и на царинските постапки ќе бидат разгледани и применети со највисок степен на внимание.
Тој посочи дека во изминатиот период Царинската управа има преземено повеќе активности токму во насока на зголемување на извозот и олеснување на извозните постапки. Од особено значење е примената на концептот за заеднички гранични контроли.
– Заедничкото царинење, кое се воведе, овозможи повисок степен на хармонизација на граничните контроли и унапредена примена на концептот на интегрирано гранично управување, придонесувајќи за намалување на можноста за царински измами и забрзување на протокот на патници и стока. По согледаните првични резултати од примената на концептот, по заемните консултации со колегите од Република Србија, во февруари, токму на Табановце, започна со работа и втора лента за камионскиот сообраќај. Оваа нова дополнителна влезна лента се користи за движење на товарни возила кои превезуваат стока од фирмите на кои се однесува Договорот за заемно признавање овластен економски оператор, а кои транзитираат со користење транзитни електронски документи, расиплива стока и празни превозни средства. Од направената анализа за времето што е потребно транспортните возила да ја завршат постапката, добиен е податок дека над 67 % од возилата ги завршуваат сите царински постапки во рок од еден час, што е најмалку за 30 % побргу во однос на минатиот период – истакна Танаскоски.
Директорот додаде дека една од клучните препораки во материјалот изготвен од Стопанската комора на Македонија е измената на Законот за царинската тарифа, преку намалување и изедначување на висината на царинските стапки со оние на Европската Унија. Во рамки на јавно-приватното партнерство меѓу Владата и коморите, започната е постапка за ревизија на царинската тарифа, каде што Царинската управа е активно вклучена. Новините што се предвидуваат во Законот нудат повеќе иновативни решенија, како што се намалување на царинските стапки за суровини и за репроматеријали што се наменети за крајна употреба и намалување на царинските стапки преку нивно изедначување со нивото на царинските стапки во ЕУ. Овие измени треба да обезбедат посилна економија и поголема конкурентност на економските оператори.
Заложбите на Царинската управа остануваат во насока на унапредување на институционалниот и на административниот капацитет на Царинската управа и на преземање активности за олеснување, забрзување и за поедноставување на царинските и на акцизните постапки.
– Во овој контекст многу важен сегмент е и воведувањето на софтверот за обработка на царински декларации и акцизни документи, со што значително се подобри и се олесни царинското работење во целосно бесхартиена околина. Во неодамнешната анкета за задоволството од користењето на царинските формалности, спроведена од Стопанската комора на Македонија, 75 % или ¾ од испитаниците одговориле дека се многу задоволни од користењето на поедноставените царински постапки, а повеќе од половина дека имаат доста погодности од користењето на одобрението за овластен економски оператор. Во иднина приоритет на Царинската управа и натаму ќе бидат промоцијата на поедноставените царински постапки и дигиталната и бесхартиена царинска околина – заклучи Танасоски.