Стопанска комора: Секоја промена од надлежните институции да биде проследена со документи што детално ја објаснуваат промената

По воведувањето на вонредната состојба во нашата земја Стопанската комора на Македонија го приспособи своето работење за да им помогне на компаниите колку што може повеќе.
Покрај останатите активности, од 25 март започна да работи и Кризен штаб при Комората.
Во моменти кога истекуваат 30 дена од воведувањето на вонредната состојба, а се најавува нејзино продолжување, од Стопанската комора информираат од  25 март наваму, кога го формирале Кризниот штаб одговориле на околу 2.500 прашања од компаниите.
“За голем дел од прашањата Комората оствари интензивна комуникација и доби појаснувања од Владата и надлежните државни институции. По започнувањето со работа на контакт-центарот на Владата интензитетот на јавувања на компаниите во Комората малку се намали, но тие и натаму продолжуваат”, вели Зоран Јовановски од Стопанската комора на Македонија.

Од досегашната комуникација со компаниите, општиот заклучок на Комората е дека компаниите сакаат стриктно да ги применуваат прописите што се во важност.

“Во услови кога заради околностите многу често се случуваат промени во условите за работа, се носат уредби, економски мерки, одредби во однос на периодот на забрана за движење итн., компаниите имаат потреба да се консултираат за да можат да го приспособат своето работење согласно важечките прописи и измени. Во изминатиот период најголем дел од прашањата на компаниите поставени до Стопанската комора на Македонија се однесуваат на детали околу дозволите што ги издаваат работодавачите за движење на нивни вработени поради вршење на сменска и ноќна работа”, објаснуваат од Комората.

Искуството од досегашната комуникација на Комората во услови на вонредна состојба покажала дека секоја промена што се прави од страна на надлежните институции треба да биде проследена со истовремено носење на соодветните документи што детално ја објаснуваат промената. На тој начин, потенцираат од Комората, се намалува потребата од дополнително разјаснување и се олеснува комуникацијата со компаниите.

Од Комората велат дека доколку продолжи вонредната состојба во земјава, продолжува со работа и Кризниот штаб при Стопанската комора на Македонија, како и останатите активности на Комората што се одвиваа во постојните околности.