Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија ја поздравува четвртата генерација ученците кои се одлучија за дуално стручно образование по германски модел.

Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија веќе четврта година по ред го спроведува проектот за дуално стручно образование по германски модел.

“Денес ја поздравуваме четвртата генерација на ученици кои се одлучија за дуално стручно образование по германски модел и ќе се посветат на четиригодишна едукација во новите образовни профили „Техничар за индустриска мехатроника“ и „Техничар за производно машинство“, соопшти Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство.

Дуалното стручно образование по германски модел Делегацијата го спроведува во шест градови во земјата, а нивни партнер се шест средни стручни училишта, десет (седум германски, три други странски) компании инвеститори како и две македонски компании.

Oваа учебна година околу стотина ученици се запишани на двата образовни профили за дуално стручно образование по германски модела, a практичната обука ќе ја обавуваат во компаниите партнери на дуалното образование по германски модел: Бракo, Витаминка, Marquardt Macedonia, Kromberg Schubert, Dräxlmaier, ЛТХ Леарница, WIK Prilep, ODW Elektrik Macedonia, Gentherm, Kostal и Kiel.

“Веќе повеќе од 20 години Делегацијата активно работи во земјата. Со зголемувањето на германските инвестиции на македонскиот пазар кои воедно обезбедуваат работни места за 25.000 лица и се најголемите работодавачи, уште пред 5 години ни беше јасно дека ќе се соочиме со проблемот за обезбедување на стручно едуциран кадар. Така започна нашиот проект за дуално стручно образование по германски модел”, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство.

Заедно со експерти од Германија Делегацијата секоја година спроведува обуки за  обучувачите кои се грижат за учениците кога тие се на практична работа во компаниите.

“Компаниите инвестираат во модерни училници наменети исклучиво за потребите на учениците кои се школуваат кај нив. Го градиме дуалното стручно образование по германски терк, со квалитет и принципи како во Германија, на нашите компании партнери не сакаме да им понудиме ништо помалку од она што би го добиле во Германија”, соопшти Мартенс.

По завршувањето на четиригодишното образование покрај државната диплома, учениците ќе се стекнат со посебен сертификат за квалитет кој ќе им овозможи сигурно работно место во компаниите каде што ја спроведуваат обуката.

Дуалното стручно образование веќе 150 години е дел од малите, средни и големи компании во Германија. Тоа е тајната на успехот на германската економија.  Компаниите успеваат да обезбедат стручен кадар според своите потреби, а истовремено се минимализира и невработеноста кај младите лица.