Цените на нафтата паѓаат веќе петти ден по ред, со што достигнаа до најниското ниво од јануари 2019 година, откако растечкиот број на заразени со корона вирус надвор од Кина ги засили ризиците, дека светската економија ќе забави, а тоа ќе ја намали побарувачката за нафта.
Нафтата брент поевтини за 77 центи, или 1,4%, до 52,66 долари за барел. Фјучерсите на американската лесна нафта поевтинија за 80 центи, или 1,6%, до 47,93 долара за барел.
Вчера за прв пат бројот на новите случаи заразени со корона вирусот надвор од Кина го надмина тој во Кина. Италија и Иран се оформуваат како нови епицентри каде вирусот брзо се шири.
Претседателот на САД Доналд Трамп вчера ги увери американските гражани дека ризикот од коронавирусот е “многу низок”.
И покрај тоа, азиските пазари на акции продолжуваат да паѓаат, бидејќи инвеститорите се плашат дека епидемијата со вирусот ќе се одрази на светската економија.
Ако заразата со корона вирусот продолжи да сепроширува во САД, инвеститорите очекуваат дека цените на нафтата ќе продолжат да се намалуваат.
Кинеската економија веќе втор месец по ред бележи загуби по основ на тоа што многу фабрики мораа да останат затворени за да се стави под контрола ширењето на коронавирсот, а многу аналитичари очекуваат тоа да се одрази врз втората најголема економија во светот.