Привремената одлука со која Владата на крајот на декември ги намали увозните давачки за одредени компонетнти кои ги користат компаниите со технолошко напредно производство во земјава истекува денеска, a од денес (1 јули) царинските стапки се враќаат на старо.
И покрај ветувањата кои на крајот на минатата година им биле дадени на странските инвестититори од страна на Владата дека царинските стапки на одредени делови ќе бидат целосно усогласени со царинските стапки во Европската унија, тоа досега не се случило, а не е продолжена ниту автономната мерка за намалување на царините, па од утре компаниите ќе мораат да плаќаат повисоки царини.
Станува збор за делови за производство на технолошки напредни производи за кои царинските стапки во Европската унија се движат од 0% до 3,7%. Со привремената одлука чија важност истекува денеска, компаниите плаќаа царини од 3,5% до 7,5%, а веќе од утре царинските стапки за увоз на деловите се враќаат на старо и ќе се движат од 10% до 15%.
И покрај тоа што станува збор за компоненти и делови кои не се произведуваат во земјава, нашите царински регулативи кои не се ревидирани уште од времето на поранешна Југославија, предвидуваат плаќање на високи увозни царини. Со тоа, производството на компаниите во земјава, кое е претежно насочено за извоз, станува поскапо и понеконкурентно.
Од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство испратиле и писмени барање Владата, Министерството за финансии и Министерството за економија со кое бараат воведување на автономни мерки за целосно услогласување на царинските стапки на одделни производи потребни за производство на технолошко напредни производи.
“Согласно досегашната Одлука, стапките на 12-те производи беа намалени за 50% со важност до 30 јуни 2020 година. Во услови кога усогласувањето со царинските стапки на ЕУ се јавува како обврска на земјата по членството во ЕУ, овие автономни мерки би претставувале привремено решение за зајакнување на конкурентоста на компаниите коишто произведуваат технолошко напредни производи. Исто така, усогласувањето на царините би придонело за поголема атрактивност на земјата при привлекувањето на нови компани со странски капитал од различни сектори”, се вели во Барањето испратено од Асоцијацијата.
Македонија, како држава има повисоки царини за увоз на многу делови што се потребни за производство на технолошко напредни производи, во споредба со царините кои се применуваат за увоз од трети земји во ЕУ, што ја прави државата неконкурентна како локација за инвестирање, а го поскапува и производството на македонските компании.
Но, во услови кога претстојат големи промени во синџирите за снабдување на глобално ниво предизвикани од пандемијата со Ковид 19, неопходно е дополнително намалување на царинските стапки со цел зајакнување на конкурентоста на домашните производи на странските пазари, за задржување на постојните инвеститори во земјата и за привлекување на нови инвеститори кои веќе бараат локации за селење на дел на производните линии од Кина на пазари кои се поблиску до Европската унија.
Високите давачки за увоз на суровини ја руши конкурентноста на македонските извозници
Проблемот со плаќање на нелогично високи царини за увоз на суровини и делови кои се користат за производство за извоз е голем проблем со кој се соочуваат многу производители и извозници во земјава од повеќе различни индустрии. Во услови кога над 90% од трговијата на земјата се одвива преку договори за слободна трговија, плаќањето на високи царини за увоз на суровини и производи кои не се произведуваат во земјава, а кои се неопходни за производство, само го поскапува производството и ги прави македонските извозни компании понеконкурентни на странските пазари.
Високите царини и давачки за увоз на суровини се голем проблем кој ја намалува конкурентноста во конзервната индустрија и индустријата за преработки од зеленчук и овошје, потоа во месната индустрија, кондиторската индустрија и во повеќе други индустрии.
>> Сега е вистинско време да се поддржи извозот: Намалување на увозните царини и пребивање на ДДВ со побарувањата на државата.
Покрај високите царини, проблем кој нелогично и непотребно ги зголемува трошоците на извозниците е плаќање на ДДВ при самиот увоз на одредени суровини за производство заедно со царинските давачки, дури и кога компанијата побарува од државата големи износи по основ на поврат на ДДВ. Тоа е сериозен проблем за ликвидноста на извозните компании, посебно сега во услови на голем пад на извозот и трговијата, предизвикани од пандемијата со Ковид 19.
Од тие причини, неодамна и Стопанската комора на Македонија како една од мерките за поддршка на извозот побара можност за пребивање на на ДДВ-то при увоз на суровини и репроматеријали со побарувањата од страна на државата.
Во периодот на пост-Ковид заздравување на економијата, проблемот со високите увозни царини, мора да добие приоритет за негово решавање во интерес на извозните компании.