Во функција на што побрзо и поефикасно справување со последиците од здравствено-економската криза државата треба да ги помогне компаниите од автомобилскиот сектор, едноставно преку извесно адаптирање на мерките за поддршка на економијата, сметаат компаниите со странски капитал кој работат во земјава.
Тие сметаат дека е потребно овозможување на финансиска поддршка за брзорастечките компании од преработувачкиот сектор, комплетно извозно ориентирани фирми кои во минатата и тековната година инвестирале во земјава сериозен износ на средства.
“Овие инвеститори имаат сериозен пад на приходите во споредба со проектираниот раст за годинава. Освен падот на приходите, нашиот предлог е како доплнителен алтернативен критериум за градација за овие компании да биде нивото на инвестицијата како процент од реализираните приходи во претходната година. Да не се заборави дека помошта се однесува за плати на вработените, а не за сопствениците на компаниите. Државата би имала многу поголеми буџетски трошоци доколку вработените во автомобилскиот сектор и поврзани дејности останеа без работа, отколку да поддржат дел од нивните плати за лимитиран период”, сметаат компаниите од оваа индустрија.
За компаниите прифатливо би било да ги добијат средствата и одложено, по стабилизирање на состојбата согласно кондицијата на буџетот до крајот на 2021 година, што вреќе било и предложено преку Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.
Компаниите од овој сектор потенцираат дека продолжуваат со инвестициите и покрај сите потешкотии. Сепак, не поради нивна вина, состојбата предизвикала доцнење на одредени проекти, а со тоа и одложување на дел од инвестициите.
“Неопходно е на сите инвеститори од секторот да им се даде можност за одложување на крајниот рок за исполнување на инвестицијата, реализирање и одржување на вработувањата кои се предвидени со договорите за доделување на државна помош за период од 6-12 месеци. Ова би креирало простор за двете страни, за државата и компаниите еден партнерски пристап, да ја одржат инвестицијата и да креираат можност за идни проширувања на капацитетите по завршување на кризата”, се вели во објавата од страна на Стопанската комора.
Некои од компаниите посочуваат дека критериумите за користење на некои економски мерки не се соодветно формулирани критериумите, како на пример, оној кој предвидува во 2019 година да не искажале негативен финансиски резултат, односно загуба.
“Рестриктивно и несоодветно ограничување на кругот на потенцијални корисници на поддршката. Треба да се направи усогласување со правилата на Европската Унија каде ваквата помош не се дозволува само на „претпријатија во потешкотии“. Ова е поширок поим од финансиска или сметководствена загуба или пад на приходи. Финансиската загуба или таканаречениот финансиски негативен резултат не може да биде сам по себе единствен индикатор за состојбата на потешкотии во кои се наоѓа компанијата. Ваквиот критериум треба дефинитивно да се избегнува од мерките и законите, посебно ако се земе предвид дека првите неколку години капитално интензивните инвестиции имаат огромен сметководствен трошок за амортизација на опремата како и дополнителни трошоци неопходни за доведување на првичниот обем на производството на задолжително ниво при што капацитетите не секогаш се целосно искористени, но и ефикасноста на кадарот не е на највисоко ниво, што пак, ја наметнува и потребата за дополнителни трошоци за обуки. Сите овие категории формираат значителен дел од негативниот финансиски резултат во нивните финансиски извештаи”, велат од Асоцијацијата на компании со технолошко напредно производство.
Од Асоцијацијата сметаат дека рестриктивните мерки во Европа ќе се одразат врз работењето на странските компании во земјава, вклучувајќи ги особено и компаниите од автомобилската индустрија. Дополнително, според нив, состојбата се влошува од притисокот на конкуренцијата за воведување нови технологии.
“Тука се и строгите протоколи за здравствена заштита на работниците во погоните, потоа растот на инфицирани, а со сето тоа проследено со пад на побарувачката на нови возила”, велат од Асоцијацијата.