ТATЈАНА ШTEРЈОВА ДУШКОВСКА, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални и координатор за Коморскиот инвестициски форум во Стопанската комора на Македонија


 

 

Неодамна Стопанската комора објави материјал изготвен врз основа на консултации со бизнис заедницата кој се однесува на заздравување на економијата во пост Ковид 19, како и на главните насоки на делување во следниот период. Кои се најголемите предизвици кои бизнисмените ги идентификуваат за следниот период и кои мерки се предлагаат за нивно надминување?

Заокружуваме една година која по многу аспекти беше нестандардна. Во вакви услови, во Комората сметавме дека сега е вистинското време, покрај дискусијата за дневните прашања кои треба да им помогнат на компаниите во моментов да се справат со кризата, да отвориме дискусија и за пошироките перспективи – а тоа е каква економија сакаме да имаме по завршувањето на кризата, и кои се мерките и чекорите што ќе не придвижат кон таа цел.

Предизвиците со кои се соочува бизнисот не се драстично променети, но тие добија на интензитет во условите во кои се работеше изминатава година.
Од една страна, кризата ги извади на површина некои од долгогодишните структурни слабости на македонската економија, вклучувајќи ги трендот на деиндустријализација кој е присутен во последните децении, влошувањето на структурата на факторите за креирање на БДП, но и недостигот на континуитет во креирањето на одржлив модел за економски раст. Од друга страна, неизвесноста која ја проследува пандемијата, ги покрена прашањата на одржувањето на ликвидноста, задржување на работната сила, која во многу сектори и во пред-кризниот период беше дефицитарна, изнаоѓање на алтернативни пазари и начини на продажба во услови на постојани ограничувања, но и неефикасноста на административниот апарат кој треба да биде сервис на бизнисот во справувањето со сите овие прашања.
За надминување на овие предизвици, потребен ќе биде системски и фокусиран пристап, со јасно дефинирање на приоритетите, и ангажман од сите засегнати страни, вклучително и бизнисот.

Извозните компании се чини беа најпогодени од почетокот на пандемијата со отежнат транспорт и логистика, намалени нарачки и намалена ликвидност. Како треба државата да делува во следниот период за да се одржи извозот и какви мерки би им помогнале на извозните компании?

За мала и отворена економија како македонската, извозот е водечката сила, и приоритет мора да бидат мерките тој да се диверзифицира, и во однос на бројот на извозни компании, и во однос на комплексноста на извозните производи, но и на пазарите на кои се пласира. Години наназад примарните пазари за македонските компании се ЕУ и соседните држави, а вкупниот број на извозни производи со компаративна предност не надминува 500. Кризата само ги засили тие неповолни движења.
Мерките што ќе им помогнат на извозниците се пред сè насочени кон обезбедување на соодветни царински и даночни олеснувања, кои ќе придонесат за поголема конкурентност на македонскиот извоз – ревидирањето на царинската тарифа во насока на нејзино усогласување на нивото на ЕУ, како и можноста за одложено плаќање или пребивање на ДДВ-то при увоз на суровини и репроматеријали, што ќе придонесе за подобрување на ликвидноста на извозниците.
Дополнително, треба да се поддржуваат мерки за поттикнување на нето-извозот и насочување на инвестициите на приватниот сектор кон активности што во поголем обем се потпираат на домашни ресурси.
За отворањето на алтернативни извозни пазари, од големо значење се и дипломатските активности на државата за проширување на мрежата на договори за слободна трговија, особено со земјите од Блискиот исток и Северна Африка, кои на македонските компании ќе им овозможат да ги користат поволностите на дијагоналната кумулација, но и забрзувањето на процесот на усвојување на ревидираните правила за потекло на стоките кои ги уредуваат Пан-Еуро-Мед конвенцијата и ревидираната Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ, кои носат повеќе поволности за македонските извозници.



Ликвидноста е исто сериозен проблем кој може да предизвика сериозни проблеми, особено по престанокот на помошта од државата за погодените фирми. Кои мерки би можеле да помогнат во однос на олеснување на ликвидноста и спречување на можниот бран на банкроти на фирми?

Одржувањето на ликвидноста ќе биде еден од клучните предизвици, особено за компаниите од секторите кои беа посериозно засегнати од воведените ограничувања. Компаниите со нетрпение го очекуваат отпочнувањето на мерките за обезбедување државна кредитна и државна царинска гаранција, кои беа најавени во пакетите за економска помош.
Дополнителни мерки би можеле да вклучуваат државна гаранција кон комерцијалните банки со цел финансиска поддршка за нови инвестиции на големите и средните претпријатија по моделот „sale and lease back”, со цел одржување, и каде е можно зголемување на инвестициските активности, како и креирање на инвестициски фондови за обезбедување на пристап до кредитни линии за финансирање на деловните активности под поволни услови.
Секако, приоритет останува и прашањето за обезбедување на модалитети за навремена наплата на побарувањата од јавниот сектор и обезбедување на можности за спроведување на присилна наплата кон субјектите од јавниот сектор, а треба да се работи и на зајакнувањето на ефикасноста на судските постапки, кои треба да обезбедуваат брз механизам за расчистување на побарувањата од деловните односи.


Стопанската комора потенцира дека во време на рецесија приоритет треба да биде даден на инвестициите, извозот и институциите. Во која насока би требало да се делува поконкретно, кои инвестиции треба да бидат приоритет, како би требало да се реформираат институциите за да бидат во функција на економското заздравување?

Паралелно со интензивирањето на процесот на привлекување на странски инвестиции по завршувањето на кризата, повикуваме фокусот да биде ставен и на домашните инвестиции, како и на јавните капитални и продуктивни инвестиции, во областа на енергетиката, инфраструктурата, екологијата, здравството и образованието. Во таа насока, треба да се прошират програмите за поддршка за инвестициските циклуси на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за стратешки инвестиции, но и засилено да се применува концептот на јавно-приватно партнерство во сите посочени сектори.
За спроведувањето на сите овие дејствија, потребен е добро екипиран, функционален и ефикасен апарат на јавната администрација, кој недостасува во моментот.
Најголемиот проблем за кој алармираат компаниите при реализацијата на инвестициски проекти се административните лавиринти кои траат предолго, а делумно и ниската реализација на капиталните инвестиции се должи на капацитетите на јавните власти за нивно спроведување.
Затоа, инвестициите и извозот треба да добијат своевиден “fast track” кај јавната администрација на сите нивоа, ако сакаме побрзо опоравување и забрзан раст.


Кои сектори за Стопанската комора имаат најголем потенцијал да ја повлечат економијата во периодот после Ковид 19? Дали можеби е време економската помош од државата да биде насочена кон оние индустрии и сектори кои имаат најголем потенцијал за економски развој?

Едно од првите укажувања на Комората уште од почетокот на кризата беше апелот при конципирањето на мерките од пакетите за економска помош, да се насочат мерки кон компаниите кои можат да испорачаат резултати и да ја повлечат економијата напред по завршувањето на кризата. И уште стоиме на тоа стојалиште. Единствено успешни компании, од сектори кои имаат потенцијал за раст можат да дадат импулс за раст на македонската економија по завршувањето на пандемијата.
Во изминативе месеци Комората беше вклучена во подготовката на стратегијата за паметна специјализација, која има за цел да ја трансформира македонската економија во конкурентна економија, насочувајќи ги сите потенцијали на поддршка и развој во приоритетните секторите кои се иновативни и со потенцијал за раст и развој. Во тој процес, идентификувани се неколку сектори кои имаат најголеми потенцијални можности за понатамошна специјализација, и ги вклучуваат ИКТ, прехранбениот сектор и индустријата на пијалаци, одржливо градежништво и нови материјали, машинската, електро и автомобилската индустрија, како и секторите на одржлив туризам и одржлив енергетски сектор.

 

Што може да очекуваме следниот период на полето на формирање на регионалниот економски пазар или т.н мини Шенген? Какви ќе бидат погодностите за македонските компании од овој процес?

Преку Коморскиот инвестициски форум, како асоцијација на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, во кој основач е и нашата комора, во изминатиот период, со директна поддршка од ЕУ, активно бевме вклучени во конципирањето на мерките и активностите во новиот Акциски план за Заедничкиот регионален пазар, кој беше усвоен на Софискиот самит во ноември, и активно ќе партиципираме во неговото спроведување.
Овој план треба конечно им обезбеди на компаниите од регионот реално да чувствуваат придобивки од работењето на заеднички пазар – покрај остварувањето на четирите слободи (слободен проток на стоки, услуги, капитал и луѓе), предвидена е и засилена соработка преку регионална инвестициска област, регионална дигитална област
, како и регионална индустриска и иновациска област.
Ќе се работи и на натамошно унапредување/проширување на зелените коридори кон граничните премини со земјите-членки на ЕУ, обезбедување на 24/7 услуга од страна на сите инспекциски служби на граничните премини, усвојување на програма за заемно признавање која ќе овозможи производите и услугите да се ставаат во промет на целиот ЦЕФТА пазар со единствена документација која е признаена од сите членки, како и воспоставување регионален пазар за е-трговија. Очекувањата се големи, и треба да донесат опипливи придобивки за компаниите од процесите на регионална соработка, што за нив ќе значат намалување на трошоците, поедноставување на интра-регионалните операции во сите аспекти, но и заедничко освојување на третите пазари преку зајакнување на регионалната соработка во следниот тригодишен период,

 Каква ќе биде улогата и поставеноста на Стопанската комора следната година? Дали бизнисот може да очекува конкретна помош од Комората во надминување на проблемите со кои се соочува?

Сите овие прашања за кои разговаравме го најдоа своето место во приоритетните активности на Комората за следната година, и фокусот на нашите активности ќе биде насочен кон обезбедување на предуслови за посилна македонска економија во пост Ковид-19 периодот. Стопанската комора на Македонија останува посветена на обезбедувањето поддршка на активностите за вмрежување на компаниите, подобрување на условите за водење бизнис, но и реформа на образовниот систем во насока на обезбедување на квалификуван кадар, како и на зајакнување на регионалната економска соработка преку активностите на Коморскиот инвестициски форум. Во постојан контакт бевме со компаниите од првите денови на започнувањето на кризата, и продолжуваме да обезбедуваме помош и поддршка за компаниите за надминувањето на проблемите, но и за креирањето развојни планови.