Пред десет години одгледувачите на грозје во Нов Зеланд си поставија амбициозна цел двојно да го зголемат извозот на вино од тогашните 1,04 милијарди на 2 милијарди новзеландски долари во 2020 година. Последните податоци покажуваат дека целта е остварена откако годинава и покрај бројните предизвици и ограничувања кои ги наметна пандемијата на Ковид 19, извозот успеа да надмине 2 милијарди новозеландски долари.
До 80-те години од минатиот век вината произведени во Нов Зеланд се продавале главно на домашниот пазар. Во 1990 година извозот на вино од Нов Зеланд изнесувал 12,6 милиони американски долари (18 милиони НЗ долари). Во 2010 година извозот достигна 730 милиони долари (1,04 милијарди НЗ долари), а извозот во 2020 година достигна 1,4 милијарди долари (2 милијарди НЗ долари).
Вината од Нов Зеланд денеска се извезуваат на над 100 пазари и виното претставува шеста највредна извозна ставка од Нов Зеланд. Главни извозни пазари на производителите на вино од Нов Зеланд се САД, Велика Британија и Австралија.
Почетоците на оваа успешна приказна се уште во 1985 година кога со државна финансисика помош било поттикната промена на сортите на вино кои дотогаш се одгледувале. Многу производители ја искористиле можноста и преминале кон огледување на Sauvignon Blanc, со кои Нов Зеланд постигнува огромен меѓународен успех, најпрвин во Велика Британија, а подоцна и на другите пазари.
Денес Sauvignon Blanc вината се најизвезувани вина од Нов Зеланд, а следат вината Pinot Noir, Rose и Pinot Gris.
Вината од Нов Зеланд денеска се едни од најбараните вина, кои истовремено се продаваат во премиум сегментот меѓу најскапите вина на пазарите како САД, Велика Британија, Канада и Кина.
Но, производството на вино од Нов Зеланд е се уште мало ако се спореди на пример со Австралија која има пет пати поголемо производство на вино или, пак, со Италија која има дури 24 пати поголемо производство на вино од Нов Зеланд кое изнесува само 1% од светското производство на вино.
Но, Нов Зеланд успеа да се пробие на светскиот пазар како бутик-винарија која произведува квалитетни вина и која успева на љубителите на вино да им продаде приказна богата со вкусови и текстура.
На што почива успехот на стратегијата на Нов Зеланд
Ако нешто може да се издвои како лекација за успехот на вината од Нов Зеланд тоа е заедничката соработка на сите вклучени во оваа индустрија, како на полето на технологијата, така и на полето на раскажувањето на приказната за вината од Нов Зеланд. Но, заедничката соработка не би вродила со плод без квалитетот на вината. А кога станува збор за квалитетот, правилото кое е најзаслужно за успехот е одгледување на вистинска сорта на грозје во вистински регион.
Во тоа секако е од големо значење заедничката соработка помеѓу државните институции, науката и индустријата, кои работат заедно на стратегија на специјализација во економијата со цел да се постигне што поголема додадена вреднсот.
Резултатот е повеќе од успешен. Нов Зеланд како мала земја има постигнато репутација на производител на квалитетни вина како никоја друга мала земја, што се враќа преку премиум цените кои вината од Нов Зеланд ги постигнуваат на пазарите.
Успехот на виното од Нов Зеланд се потпира на стратегија што може да ја следат и други мали производители на вино која се состои од специјализација на производи со висока додадена вредност преку препознатливост на брендот по квалитет. Мултинационалните инвестиции, знаењето и пристапот до синџирите на малопродажбата се исто така меѓу клучните состојки на успехот на винаската индустрија на Нов Зеланд.
На почетокот развојот на винската индустрија бил управуван и поддржуван стратешки од државата, бил дозволен влез на странски капитал кој со нови технологии и знаења го подигнал квалитетот во производството на вина, но кој истовремено создавал и големи национални придобивки за економиајта.
Наместо да се потпира само на странските компании, државата била активно вклучена во промовирање на национален бренд, од што придобивка би имале и малите производители на вино.
Главната улога во институционалната конфигурација на индустријата ја има New Zealand Winegrowers, национална организација која ги претствува сите винарии и одгледувачи на вино во земјата и која врши истражувања, лобирање, заеднички маркетинг активности, настапи на саеми, извозна промоција…
Оваа организација има и свои меѓународни канцеларии на најголемите извозни пазари, кои се покажале како клучни за промоција на вината на Нов Зеланд и промоција на националниот бренд. Сите членки плаќаат членарина во оваа Асоцијација, но се наметнуваат и давачки врз основа на бројот на продадени шишиња (2,50 нзд / шише) и обемот и вредноста на продаденото грозје (7,5% од вредноста).
Како последица на оваа стратегија, извозот на вина од Нов Зеланд расте веќе 25 години по ред, вклучително и минатата 2020 година која заврши со раст на извозот и покрај бројните проблеми со кои се соочиле производителите на вино.