Поради пандемијата предизвикана од КОВИД-19 и мерките преземени за спречување на нејзиното ширење, во светски рамки дојде до намалување на побарувачката за текстилни производи, облека и обувки, а секако сето тоа влијаеше на намалување на глобалното производство.

Во изминатиов период домашните компании успеаја да ги намалат негативните влијанија предизвикани од кризата поради корона вирусот и да го одржат бројот на вработени, каде намалувањето на нарачки во индустријата за облека во делот на модни производи беше компензирано со преориентирање на производство на заштитни маски и друга заштитна облека, за која се јави поголема побарувачка.

Развојот на настаните и последиците предизвикани од КОВИД-19 пандемијата во следните неколку месеци ќе бидат одлучувачки за опстанокот на овие индустрии, каде најавите за намалување и откажување на нарачките од странските партнери е предизвик со којшто компаниите ќе треба да се соочат и справуваат во следниот период.
Според проценките и секојдневните контакти со текстилните и кожарските компании, кои се базирани на најавите на странските купувачи, за следниот период се очекува намалување на продажбата на производите кое би се движело помеѓу 40% до 50% во однос на претходните години.
Евидентно кај домашните компании е дека имаат намалени и откажани налози од страна на долгогодишните странски партнери, пред се’ од Германија која е наш најголем трговски партнер, каде за следниот период се очекува намалување на обемот на нарачките, т.е. помалку работа, односно компаниите може да очекуваат нарачки на помали серии, што наметнува предизвик кај компаниите да ја подобрат продуктивноста и да воведат флексибилно производство со брз премин од еден на друг производ, со што би можело да се одговори на ваквите промени на пазарните услови.

Текстилната индустрија, индустријата за облека и индустријата за производство на кожа и други производи од кожа се важни сегменти на македонската преработувачка индустрија, коишто во вкупното индустриското производство на државата учествуваат со 12,82%, и вработуваат над 37.000 работници.
Овие индустрии за текстил, облека и кожа и други производи од кожа се извозно ориентирани гранки.
Вкупниот извоз на овие индустрии во 2019 година изнесувал над 540 милиони eвра, додека за првите шест месеци од 2020 година истиот изнесува 252 милиона евра, а при тоа над 93% од производството е базирано на „лон“-принципот на работа за познат купувач.

Според најавите и проценките на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките и производството, а  тоа би значело дека наредниот период би бил период на намалена економска активност, што би имало голем негативен економски ефект во поглед на намалена профитабилност и ликвидност на компаниите.

Затоа неопходни се дополнителни економски и други релевантни мерки, кои би ги донела Владата во наредниот период, кои ќе овозможат директна финансиска поддршка на овие трудоинтензивни индустриски сектори, поддршка за развој на конкурентноста, автоматизација и дигитализација на одредени сегменти од производниот процес, набавка на нова опрема согласно со промените на пазарот, со цел зачувување на работните места и опстојување на компаниите во наредниот период.