Топ 10 македонски извозни пазари во 2020

Пандемијата со Ковид 19 предизвика досега невидено нарушување во секојдневното живеење и економијата. Затворањето на границите на почетокот на пандемијата во март, предизвика големи загуби за македонските извозници. Ако падот на извозот во април и мај се движеше околу 60%, односно 40%, втората половина извозните активности почнаа да заживуваат. Но, сепак недоволно да се надоместат загубите во првата половина годинава, заради што изминатата 2020 година, македонската економија ја заврши со пад на извозот и увозот од 10%.

Вкупниот извоз на Македонија во пандемиската 2020 година се намали на 5,77 милијарди евра, што е зa 10% или 643 милиони евра помалку во споредба со 2019 година.

Ако се анализира трговијата со 20-те најголеми трговски партнери, извозот во 2020 година се бележи намалување на извозот на 12 пазари, а само на осум пазари има раст на извозот.

Ако се анализираат пазарите на кои во 2020 година најмногу се извезувале македонските производи, статистиката покажува дека 77,5% или дури 4,5 милијарди евра биле насочени кон земјите од Европската Унија.
Преголемата концентрација на македонскиот извоз кон европските пазари беше причина и за најголем пад на извозот. Податоците покажуваат дека минатата година на европските пазари се извезени производи за 562 милиони евра помалку во споредба со 2019 година, што е пад за 18,1%.

Извозот во земјите од Западен Балкан, кои се втор најголем извозен регион, исто така е намален минатата година. Податоците покажуваат дека  македонските компании минатата 2020 година година во петте земји од Западен Балкан (Албанија, Србија, Косово, БиХ, Црна Гора и Косово) извезле производи во вредност од 636 милиони евра, што е за 13,3% помалку отколку извозот во 2019 година.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека дури 75% од вкупниот македонски извоз минатата година или 4,34 милијарди евра е пласиран на 10 пазари. На првите четири места нема измени и понатами остануваат Германија, Бугарија, Косово и Србија.

# Германија
Извоз во 2020: 2,7 милијарди евра (-13,2%)

Најзначаен извозен пазар за македонската економија и минатата година беше Германија, каде во 2020 година се извезени производи во вредност од 2,7 милијарди евра или 47% од вкупниот извоз.
Забавувањето на германската економија заради пандемијата со Ковид 19 силно го погоди македонскиот извоз. Статистиката покажува дека извозот во Германија лани бележи пад од 13,2% или е за 411 милиони евра помал во споредба со претходната 2019 година.
Најголем дел од извозот во Германија отпаѓа на извозот на делови делови за германската автомобилска индустрија која беше една од најпогодените индустрии од корона кризата. Но, покрај авто-деловите, пад имаа и текстилните фабрики кои работат по принципот лон извоз за германските модни куќи.
Но, податоците покажуваат дека лани бил зголемен извозот на храна во Германија за 27%, достигнувајќи над 17 милиони евра.

# Бугарија
Извоз во 2020: 272 милиони евра (-13,4%)

Втор најголем извозен пазар за македонските компании и лани била Бугарија,  каде во 2020 година се продале стоки во вредност од 272 милиони евра. Извозот во Бугарија минатата година бележи пад од 13,4%, односно е помал за 41 милион евра во споредба со претходната 2019 година.
Во Бугарија најмногу извезуваме руди на олово, бакар и цинк, железо и челик, и разни други суровини, чиј извоз е намален 16,2%. Извозот на пијалоци и тутун во Бугарија лани се намалил за 51%, на 12,3 милиони евра. Извозот на храна исто така е намален за 16% на 15 милиони евра.

# Косово
Извоз во 2020
: 234 милиони евра (-13,4%)

Продажбите на косовскиот пазар во 2020 година изнесуваа 234 милиони евра, што е за 21,5% или за 64 милиони евра помалку во споредба со 2019 година.
Најголем дел од извозот на Косово отпаѓа на извозот на нафтени деривати чија продажба минатата година драстично се намалила, дури за 54% заради ограничувањата против ширењето на корона вирусот, нои заради падот на цената на нафтата.
Косово е лани бил втор најголем пазар за македонските прехранбени производи, каде лани се продадени производи вредни 45 милиони евра, што е годишен пад од 15,7% во споредба со лани. Пад од 25,1% има и кај извозот на пијалоци и тутун на косовскиот пазар, кој лани се намалил на 13,7 милиони евра.

# Србија
Извоз во 2020: 223 милиони евра (-10%)

Српскиот пазар е исто така еден од најважните извозни пазари за македонските компании. Извозот во Србија во изминатата 2020 година е намален за 25 милиони евра, што е пад од 10%.
Србија лани била најголем пазар за македонските прехранбени производи, каде биле извезени прехранбени производи во вредност од 48 милиони евра, што е пад за 5% во споредба со 2019 година. Пад од 10% има кај извозот на пијалоци и тутун, кој е намален на 14,5 милиони евра. Раст од 12,7% има кај извозот на хемиски производи, каде влегуваат и лековите, чија врендост лани достигна 39,5 милиони евра.

# Грција
Извоз во 2020: 176 милиони евра (+1,6%)

Со извоз од 1768 милиони евра во 2020 година Грција била седми најголем извозен пазар. Иако извозот кај јужниот сосед лани бележи мало зголемувањеод 1,6% или за 2,7 милиони евра,  Грција се искачи две места погоре, заради големиот пад на извозот во Белгија и Италија.
Лани има раст на извозот на храна за 8,5% извозот на пијалоци и тутун за 15% и извозот на нафтени деривати, но има намалување на извозот на суровини и машини и транспортни уреди.

# Унгарија
Извоз во 2020: 172 милиони евра (+5,3%)

Шести најголем извозен пазар за македонската економија минатата година била Унгарија, каде лани има раст на извозот од 5,3%, односно за 8,6 милиони евра во споредеба со 2019 година.
Унгарија се искачи две места погоре, заради заживувањето на извозот на автомобилски делови во втората половина годинава, на што отпаѓа најголемиот дел од извозот во Унгарија, или 125 милиони евра.

# Белгија
Извоз во 2020: 157 милиони евра ( -26,1%)

За две места подолу, на седмата позиција се најде Белгија, каде лани е реализин извоз од 157 милиони евра, за 56 милиони евра или 26,1% помалку во споредба со 2019 година.
Падот на извозот во Белгија се должи на намалениот извоз на машини и транспортни уреди, кој лани изнесувал 120 милиони евра и е намален за 55 милиони евра во споредба со предпандемиската 2019 година.

# Италија
Извоз во 2020: 143 милиони евра ( -17,7%)

 Италија била осми најголем извозне пазар за 2020 година, каде лани биле извезени производи вредни 143 милиони евра, што е за 30 милиони евра или 17,7% помалку во споредба со претходната 2019 година.
Извозот во Италија имаше многу поголем пад од над 30% во првите месеци по прогласувањето на пандемијата во март минатата година. Падот на извозот во Италија се должи во најголем дел на намалени продажби на кожарската и текстилната индустрија, бидејќи карантините ја намалија потрошувачката за многу несуптински производи како чевли и облека. Извозот на храна во Италија е на истото ниво, 21 милион евра како во 2019 година, а извозот на пијалоци и тутун бележи раст.

# Велика Британија
Извоз во 2020: 142,5 милиони евра ( -0,6%)

Велика Британија со извоз од 143,5 милиони евра е деветти најголем извозен пазар, но истовремено е и втор најголем трговски партнер, заради големиот увоз на Џонсон Мети.
Во Велика Британија лани е зголемен извозот на храна за 28%, на 7 милиони евра, но има зголемување на хемиски производи, во кои спаѓаат каталитички апарати и лекови.

# Романија
Извоз во 2020: 105 милиони евра ( -31,3 %)

Десетти најголем извозен пазар за 2020 година е Романија, каде се извезени 105 милиони евра, кој бележи пад од 31,3% или 48 милиони евра во споредба со претпандемиската 2019 година.

Најголем дел од падот на извозот се должи на намелниот извоз на машини и транспортни уреди, односно делови за автомобилската индустрија во Романија, кој лани е намален за 47 милиони евра или за 61%. Пад од 33% бележи и извозот на хемиски производи. Во Романија лани сме извезле храна во вредност од 18 милиони евра , кој е зголемен за околу 4%.