Македонските компании прехранбената индустрија во првите шест месеци годинава извезле храна во вредност од 164 милиони евра, што е за 7,3% или 13 милиони евра помалку во споредба со првата половина од 2019 година.

Во истиот период во земјава била увезена храна во вредност од 331 милион евра, или за 4,9% повеќе во споредба со лани.

Со тоа, трговскиот дефицит во трговијата со храна со светот во овој период достигна 166 милиони евра, и е за 20% или за над 28 милиони евра поголем во споредба со првата половина од 2019 година.

Околу 70% од вкупниот извоз на храна се пласира на 10 извозни пазари. Најголем дел од извозот на храна или околу 40% е пласиран во земјите членки на ЕУ, каде во првата половина гдинава е извезена храна во вредност од околу 67,5 милиони евра.

Земјите од Западен балкан се втор најголем извозен пазар, каде во првите шест месеци биле извезени производи вредни околу 64 милиони евра или околу 39% од вкупниот извоз. Додека околу 28 милиони евра бил извозот на храна на останатите пазари.

Најголем извозен пазар за македонската храна и годинава бил Косово, каде во првите шест месеци биле извезени прпозводи вредни 23,3 милиони евра.

Втор најголем пазар е Србија со извоз вреден 29,5 милиони евра, додека трет најголем извозен пазар е Русија со извоз од 14,3 милиони евра.

 Што најмногу се извезувало?

Во првите шест месеци е извезено овошје во вредност од 19 милиони евра и е за 25% поголем во споредба со лани. Од нив најголем дел или околу 13,3 милиони евра отпаѓа на јаболките чиј извоз бил поголем за 28% , главно заради извозот во Русија.

Извозот на зеленчук во првите шест месеци годинава изнесувал 28,8 милиони евра, за 31% помалку во споредба со истиот период лани кога бил извезен зеленчук во вредност од 41,7 милиони евра. Најголем дел отпаѓа на извозот на зелка кој во првата половина годинава бележи пад од 42,5%. Имено, во периодот јануари-јуни бил извезена зелка во врендост од 12,9 милиони евра, за споредба со извозот од 22,5 милиони евра во истиот период лани.

Намалување на извозот од 15% до 20% има и кај свежите домати, кромидот, краставиците и пиперките.

Од друга страна податоците покажуваат дека во периодот на корона кризата растела продажбата во странство на преработките од зеленчук и овошје, односно на замрзнати и привремено конзервирани зеленчук и овошје, компоти за 20% до 50%.

Намалување од 55% има и кај извозот на млеко во првата половина година, кој  изнесувал 4,3 милиони евра.

Извозот на месо изнесува 7,9 милиони евра и бележи пад од околу 14% во споредба со истиот период лани.

Податоците покажуваат дека во првите шест месеци годинава е извезено вино во вредност од 20,6 милиони евра, што е само за 3,94% помалку во споредба со истиот период лани.

Генерално во првите шест месеци сме извезувале поевтина, а сме увезувале поскапа храна.