Навремената испорака на производи, суровини и репроматеријали е од клучно значење за една извозна компанија да биде конкурентна и успешна. Заради тоа транспортот и логистиката се сметаат за крвоток на една економија.

Изминатите три години беа исклучително сложени и предизвикувачки за транспортот и логистиката во целиот свет. Многуте шокови покажаа дека синџирите на снабдување се многу кршливи и ранливи. Но, исто така го потенцираа значењето и важноста на транспортната и логистичката индустрија за нормално функционирање на целата економија.
Имено, компаниите од транспортната и логистичката индустрија во земјава покажаа отпорност и подготвеност во време на кризи да се прилагодат на клиентите и нивните бизниси и да им понудат решенија и услуги со кои суровините и стоките продолжија да се движат непречено.

Рекордно високите цени на транспортот во 2021 и 2022 година, донесоа раст и рекордни приходи во логистичката и транспортна индустрија, како на глобално ниво, така и во Македонија.

Но, прогнозите се дека ќе биде потребно време за транспортот и логистиката да се вратат во претходното нормално ниво и целосно да се смират ефектите од пандемијата и шоковите за снабдување поврзани со војната во Украина кои донесоа и многу промени во тековите на тргување.

Забавувањето на глобалната економија и рецесијата во Германија, економскиот морот на Европа и најголем извозен пазар за македонската економија, носат нови ризици и предизвици за европската, но и за македонската транспортна и логистичка индустрија со оглед на високата зависност на македонската економија и извозот од европската економија.

По објавата на анализата Топ 15 најголеми транспортни компании, во второто продолжение анализираме кои се најуспешните фирми во логистиката во Македонија. За таа цел објавуваме податоците од работењето на најголемите и најдобрите компании од дејноста 52.29-Останати придружни дејности во превозот.

Најголеми и најуспешни компании во логистичкиот бизнис во Македонија

Според податоците од Централниот регистар во дејноста 52.29- Останати придружни дејности во превозот во 2022 година според податоците од Централниот регистар работеле 341 фирма во кои работеле 2.401 вработени.
Најголемите 15 компании од оваа дејност кој се рангирани лани оствариле вкупни приходи од 231 милион евра, добивка од 7,2 милиони евра и имале 787 вработени.
Во оваа дејност се присутни повеќе странски и познати логистички компании и брендови и засилена конкуренција на пазарот, особено со засилениот влез на странските инвестиции во земјава со цел да им понудат брза и ефикасна врска со светот и интегрирани логистички и транспортни решенија.


Најголем играч во дејноста Останати придружни дејности во превозот е домашната компанија Фершед со годишни приходи од 75 милиони евра во 2022 година, добивка од 1,3 милион евра и 304 вработени.

Втора е Kuehne+Nagel Mакедонија со приходи од 27,6 милиони евра и добивка од 738 илјади евра. Компанијата Kuehne+Nagel со седиште во Швајцарија постои повеќе од 130 години и е лидер во транспортот и логистиката во светот. Во Македонија е присутна од 1996 година и со широката присутност во над 100 земји претставува водечки партнер на компаниите за глобална поврзаност.

Трета најголема компанија е Мултишпед Скопје со вкупни приходи од 22,6 милиони евра, добивка од 753 илјади евра. Мултишпед е компанија со домашен капитал која нуди услуги за шпедиција и повеќе видови транспорт транспорт и има 70 вработени.

Следи Квенбергер Логистик со приходи од 15,6 милиони евра и добивка од 327 илјади евра. Квенбергер е присутна веќе 27 години на македонскиот пазар и нуди траспортни и логистички услуги и решенија, а во 2022 година имала 125 вработени. Пред неколку месеци австриската Квенбергер Логистик на глобално ниво беше преземена од германската логистичка компанија Geis.

Петти најголем играч во оваа дејност е ДБ Шенкер Македонија,  подружница на германската логистичка компанија DB Shenker, која во земјава е присутна 21 година и нуди транспортни и логистички услуги. Компанијата минатата 2022 година работела со вкупни приходи од 13,8 милиони евра, добивка од 300 илјади евра, а вработувала 69 лица.

Најпрофитабилна компанија е Старкон Шипинг со профит од околу 1,7 милиони евра и вкупни приходи од 12 милиони евра. Старкон Шипинг е официјален агент на кинеската државна Cosco Shipping Lines, поточна нејзината компанија во Грција која оперира и со пристаништето Пиреја. Постои на македонскиот пазар од 2018 година, има своја подружница и во Драч, Албанија, а го покрива и пазарот на Косово.