Ротердам ја задржи лидерската позиција како најголемо пристаниште за контејнерски транспорт во Европа. Антверпен е единственото пристаниште со раст на обемот на работење, а пристаништата Пиреја во Грција и Гдањск во Полска се најбрзо растечките европски пристаништа. Ова се накратко главните поенти од анализата на Port Economics во која се објавува и рангирање на најголемите 15 пристаништа за контејнерски транспорт во Европа.

Во табелата се прикажани товарот кој бил превезен преку нив во 2020 година, растот во споредба со 2019 година, но и растот и рангирањето во споредба со 2007 година.
Податоците покажуваат дека преку најголемите 15 пристаништа во Европа поминале 76.8 милиони TEU во 2020 година, што е за 2,8% помалку во споредба со 2019 година.

Повеќето пристаништа бележат пад на работењето во 2020 година, додека пристаништето во Антверпен е единствено со позитивна стапка на раст од 1,4%.

Пристаништето Пиреја во Грција, во сопственост на кинески Cosco ја задржа позицијата на четврто најголемо пристаниште, кое лани бележи пад на работењето од 3,8%, што е прва негативна стапка во изминатите години. Пиреја, благодарение на инвестициите на кинески Cosco, е едно од најбрзо растечките пристаништа на рангирањето, со скок од 17 место во споредба со 2007 година, односно со раст на превезените товари за 296% во периодот 2020 – 2007.

Полското пристаниште Гдањск, пак, во 2007 година било рангирано на 63 место, додека во 2020 година на 15 место, со раст на превезените стоки во периодот за 1,889,7%.

За споредба, товарите превезени низ германското пристаниште Хамбург, пак, во 2020 година биле се уште пониски за 13,7% во споредба со 2007 година.