Навремената испорака на производи, суровини и репроматеријали е од клучно значење за една извозна компанија да биде конкурентна и успешна. Заради тоа транспортот и логистиката се сметаат за крвоток на една економија.
Изминатите три години беа исклучително сложени и предизвикувачки за транспортот и логистиката во целиот свет. Многуте шокови покажаа дека синџирите на снабдување се многу кршливи и ранливи. Но, исто така го потенцираа значењето и важноста на транспортната и логистичката индустрија за нормално функционирање на целата економија.
Имено, компаниите од транспортната и логистичката индустрија во земјава покажаа отпорност и подготвеност во време на кризи да се прилагодат на клиентите и нивните бизниси и да им понудат решенија и услуги со кои суровините и стоките продолжија да се движат непречено.
Рекордно високите цени на транспортот во 2021 и 2022 година, донесоа раст и рекордни приходи во логистичката и транспортна индустрија, како на глобално ниво, така и во Македонија.
Но, прогнозите се дека ќе биде потребно време за транспортот и логистиката да се вратат во претходното нормално ниво и целосно да се смират ефектите од пандемијата и шоковите за снабдување поврзани со војната во Украина кои донесоа и многу промени во тековите на тргување.
Забавувањето на глобалната економија и рецесијата во Германија, економскиот морот на Европа и најголем извозен пазар за македонската економија, носат нови ризици и предизвици за европската, но и за македонската транспортна и логистичка индустрија со оглед на високата зависност на македонската економија и извозот од европската економија.
Уште еден тренд кој во последниве години се искачи високо на листата приоритети на домашните транспортни и логистички компании е дигитализација во работењето.
Тренд кој се очекува се повеќе да влијае врз работењето на индустријата во следните години е се поголемиот акцент на одржливоста и намалувањето на јаглеродниот отпечаток.
И секако основен предуслов за развој и ефикасно работење на сите компании кои работат во индустријата за транспорт и логистика е развиената инфраструктура, која исто така влијае протокот на стоки да биде побрз, поефикасен и поевтин, а извозните компании да бидат поконкурентни.
Статистиката покажува дека камионскиот транспорт е најзастапен облик на транспорт во Македонија. Другите начини на транспорт (железница, вода и воздух) се на многу ниско ниво на развој кога станува збор за транспорт на стоки. Тоа е сериозна пречка за ефикасно и економично спроведување на меѓународните и глобалните синџири на снабдување.
Но, бидејќи земјата не излегува на море, логистичките компании во земјава се трудат да обебзедат услуги за интермодален транспорт, односно комбинација од железнички, бродски и патен транспорт при превозот на стоки, заедно со услуги за складирање и царинење на стоките, како и други решенија за целосниот синџир на снабдување.
Во продолжение анализираме кои се најуспешните фирми во транспортот и логистиката во Македонија. За таа цел во неколку продолженија ќе објавиме податоците од работењето на најдобрите компании од дејностите 49.41 Товарен патен транспорт, 52.29-Останати придружни дејности во превозот, 52.21- Услужни дејности поврзани со копнениот превоз, 52.22 – Услужни дејности поврзани со водниот превоз, 52.23- Услужни дејности поврзани со воздухопловниот превоз.
Кои се најголемите и најуспешни фирми во транспортот и логистиката ?
Според податоците од Централниот регистар на Р.СМакедонија во изминатата 2022 година во секторот Транспорт и складирање во Македонија работеле 5.474 компании во кои биле вработени вкупно 27.537 лица.Податоците покажуваат дека бројот на вработени се намалува веќе четврта година по ред, додека бројот на фирми благо се намалил само во 2020 година за време на пандемијата, но се зголемил во 2021 и 2022 година.
Ако се анализираат вкупните приходи и добивката во работењето изминатата 2022 година била рекордна за компаниите од транспортот и логистиката. Вкупните приходи кои ги направиле сите компании од секторот Транспорт и складирање во 2022 година изнесуваат 1,7 милијарди евра, а добивката 91,4 милиони евра.
Кој е кој во товарниот транспортен бизнис во Македонија?
Според податоците од Централниот регистар во дејноста 49.41 Товарен патен транспорт во 2022 година работеле 3.978 фирми, од кои најголем дел се трговски фирми. Во нив лани работеле 13.758 вработени. Во индустријата за патен транспорт на стоки доминираат фирми со домашен капитал.
Рангираните 15 најголеми компании во оваа дејност лани оствариле вкупни приходи од околу 192 милиони евра и добивка од 13,9 милиони евра, а во нив работеле 1.168 лица.
Најголема транспортна компанија е Дени Интернационал од Скопје која лани работела со вкупни приходи од 23,5 милиони евра, добивка од 2,6 милиони евра. Компанијата постои веќе три децениии и на крајот на 2022 година имала 257 вработени. Дени Интернационал е компанија со домашен капитал која располага со над 90 сопствени товарни возила за меѓународен транспорт, сопствен царински склад и логистички центар.
Втора по големина транспортна компанија е Емша Шпед од Неготино, која лани работела со вкупни приходи од 21 милион евра и добивка од 1,9 милиони евра. Емша Шпед е исто така компанија со домашен капитал основана во 1999 година со само еден капитал, за денеска да прерасне во компанија со над 200 камиони која нуди транспортни,логистички и шпедитерски услуги.
Трета по големина е Рецкосс Транс од Скопје, подружница на фирмата Рец-косс од Косово со вкупни приходи од 20 милиони евра, добивка од 792 илјади евра и 19 вработени, која главно превезува метали и отпад за рециклирање.
Четврта по големина фирма во оваа дејност е Беташпед од Скопје со вкупни приходи од 17,7 милиони евра и добивка од околу 380 илјади евра. Компанијата е основана со домашен капитал во 1992 година како шпедитерска компанија, но денеска нуди целосни пакети на услуги за секаков вид на транспорт, логистички услуги, услуги за складирање и царинење и многу други услуги.
Јавор Транс од Струмица е петта најголема компанија во дејноста товарен патен транспорт со вкупни приходи од 16,3 милиони евра и профит од 1,5 милиони евра.
Најпрофитабилна компанијата меѓу најголемите 15 компании од дејноста товарен патен транспорт е командитното друштво за транспорт на нафтени деривати Оилко со профит од близу 2,8 милиони евра, каде најголем акционер е трговецот со нафтени деривати Макпетрол.
(Текстот е дел од поголемата анализа Кој е кој во транспортот и логистиката во Македонија кој беше целосно објавен во најновата едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2023).