И покрај големите нарушувањата во трговијата и секојдневното работење кои ги предизвика пандемијата со Ковид 19, производството храната е еден од секторите кои беа најмалку погодени.
Тоа го покажува и статистиката за трговијата со странство на македонските компании за изминатата година.
Македонските производители на храна изминатата 2020 година во странство продале производи во вредност од 363,2 милиони евра, што е намалување за 1,1% или за 4 милиони евра во споредба со извозот остварен во претходната 2019 година.
Ако се анализира извозот на храна од аспект на пазарите каде се извезува, тогаш македонските прехранбени производи минатата година најдобро се продавале во земјите од регионот, некои од земјите членки на ЕУ, како и Русија.
Во текот на пандемиската 2020 година најголем извозен пазар за македонските прехранбени производи била Србија, каде лани биле извезени производи вредни 48,2 милиони евра, што е за 5,5% или за 2,5 милиони евра помалку во споредба со 2019 година.
Извозот на храна на Косово, кој пред пандемијата беше најголем извозен пазар за македонската храна, минатата година е најмногу намален за 8,4 милиони евра или 15,7%.
Русија, која во 2019 година беше петти најголем извозен пазар за македонската храна, лани стана трет најголем извозен пазар. Минатата година во Русија била извезена храна во вредност од 26,7 милиони евра, што е раст од 15,6% или за 3,6 милиони евра во споредба со претходната година.
Германија е пазарот на кој минатата година има најголемо зголемување на извозот на храна во апсолутен износ од 3,7 милиони евра или за 27%. Во Германија минатата година македонските компaнии извезле производи во вредност од 17,7 милиони евра, со што најсилната европска економија стана осми најголем извозен пазар (скок од две места нагоре) за домашната прехранбена индустрија.
Добар пробив минатата година македонските компании имале и во Шведска, каде извозот на храна минатата година достигна 6,6 милиони евра и е зголемен за 2,7 милиони евра или за 67%.
Во Австрија минатата година извозот е зголемен за 44% или за 2 милиони евра, достигнувајќи 6,7 милиони евра. Во Швајцарија лани извозот на храна е зголемен за 1,6 милиони евра (+49,2%), Велика Британија од 1,5 милиони евра (+28,6%).
Голем пад, пак, на извозот на храна лани имало во Босна и Херцеговина од 3,4 милиони евра (-12,9%), во Црна Гора од 3,1 милион евра (-20,9%), Бугарија од 2,85 милиони евра (-15,9%).
Анализата на храна во текот на изминатата 2020 година можете да го прочитате на следниот линк.