Транспортната заедница и ЦЕФТА Секретаријатот ги повикуваат властите на Грција да ги изземат возачите на камиони со нафта од новите санитарни мерки, кои потенцијално може да предизвикаат недостиг на есенцијални производи во Западен Балкан.

Мерките за заштита од КОВИД-19, воведени од Грција на 26 февруари се причина за подолго од вообичаеното време на чекање на премините Евзони / Богородица (Грција / Северна Македонија) и Ктизмата / Какавија (Грција / Албанија). Ситуацијата во Албанија е дополнително отежната поради фактот што Ктисмата / Какавија е единствениот граничен премин отворен со Грција, бидејќи два гранични премини беа затворени во претходниот период. Целосно свесни за  потребата на властите да преземат соодветни мерки за заштита на јавното здравје и да го ублажат притисокот врз здравствениот систем, Транспортната заедница и ЦЕФТА предложија решение што ќе обезбеди континуиран и непрекинат проток на основни добра, придржувајќи се кон санитарните правила во Грција.

„Предлагаме возачите на камиони со нафта, чија дестинација е солунското пристаниште, по товарењето, директно да се вратат во базата во Северна Македонија без да ги напуштаат своите камиони додека се на грчка територија и целосно да ги почитуваат санитарните мерки. Бидејќи растојанието помеѓу граничниот премин Евзони и солунското пристаниште е 81 км, овој предлог ќе ги минимизира сите ризици за ширење на вирусот и загрозување на јавното здравје. Доколку решението со нафтените производи се покаже успешно, тоа може да се прошири и на други производи и на граничниот премин со Албанија. Во Северна Македонија, неможноста за увоз на нафтени деривати од Солун може многу брзо да доведе до недостаток на нафта, што може да има негативно влијание врз нејзината економија и домино ефект врз целокупната состојба на Западен Балкан и во ЕУ. Од почетокот на пандемијата  со КОВИД-19, Европската Унија и Западен Балкан работат заедно за да се избегнат ваквите сценарија и да се решат непосредните здравствени и хуманитарни потреби предизвикани од  пандемијата, истовремено поддржувајќи го социјалното и економското закрепнување на регионот “, изјавуваат од Транспортната заедницата и ЦЕФТА.

Транспортната заедница е меѓународна организација во областа на мобилноста и транспортот, составена од 33 учесници – цела Европска Унија и шесте регионални партнери од Западен Балкан. Организацијата работи на интеграција на транспортните пазари на Западен Балкан во ЕУ, помагајќи им на шесте партнери од Западен Балкан да го усвојат и имплементираат законодавството на ЕУ во областа на транспортот и преку поддршка на проекти кои ги поврзуваат регионалните партнери од Западен Балкан меѓу себе и со ЕУ.