Кинескиот гигант Cosco кој пред три години го купи најголемото грчко пристаниште Пиреа ќе инвестира над 600 милиони евра во негово проширување со цел да го претвори во едно од најголемите пристаништа во Европа. Според инвестицискиот мастер план на Cosco се планира да се изгради нов четврти терминал за контејнери, проширување на постојниот терминал за бродови, како и изградба на нов терминал за патници.
Крајната цел на Кинезите е пристаништетот во Пиреа да стане најголемо во Европа. Само изградбата на новиот четврт терминал за контејнери, што ќе чини 300 милиони евра, капацитетот на пристаништето во Пиреа ќе се зголеми од сегашните 7 милиони контејнери годишно, на 10 милиони контејнери до 2021 година.
Кинезите гледаат на Грција како на порта кон Европа, па заради тоа инфраструктурните проекти како овој се од голем приоритет согласно иницијативата на Кина наречена “Еден појас, еден пат”, која вклучува големи инфраструктурни проекти за подобро поврзување на Кина со Европа.
Кинескиот Cosco уште во далечната 2009 година го зема под концесија пристаништето во Пиреа, но во 2016 година купи 51% за 370 милиони евра, а до 2021 година треба да преземе уште 16% од сопственоста во грчкото најважно пристаниште и да инвестира 300 милиони евра во модернизација и проширување до 2026 година.
Во изминативе три години Пиреја беше едно од најбрзорастечките пристаништа во светот, по што Кинезите сега сакаат да инвестираат уште дополнителни 600 милиони евра.
Амбициите се далеку поголеми. Првиот човек на Cosco, Ксу Лиронг неодамна изјави дека амбицијата е Пиреја да се направи најголемото пристаниште во Европа. Со други зборови, отворено е фрлена ракавицата на Хамбург и Ротердам, а тоа во превод значи милијарди евра инвестиции во дополнителна железничка и пристанишна инфраструктура. Јасно е дека Западот на сето ова гледаат со зголемена нервоза, бидејќи Пиреја до неодамна не беше ни близу во друштво на најголемите пристаништа во Европа.
Грција станува се поважен партнер на Кина
Грција во последниве години станува се поважен партнер на Кина во проектот „Еден појас, еден пат“. Оваа година, исто така, беше означен почетокот на поблиска соработка во контекст на мултилатерална интеграција. Имено, на самитот во април годинава во Дубровник, Грција стана седмиот партнер во рамките на иницијативата „Кина плус 17“.
Грција досега има привлечено значителен кинески капитал вреден околу осум милијарди евра, но владата на Мицотакис смета дека има простор за дополнителни инвестиции во енергетиката, инфраструктурата и финансискиот сектор. Пекинг покажува голем интерес да учествува во косопственоста на државното електростопанство, сакаат да ја продолжат соработката во областа на бродоградбата, туризмот …
Неодамна, свои подружници во Грција отворија две од најголемите кинески банки-Bank of China и Industrial & Commercial bank of China. Кинеските банки неодамна го продолжија заемот вреден 3 милијарди долари на грчките бродосопственици, кои, претпоставувавте, новите бродови ги градат во кинеските бродоградилишта.
Во текот на последните петнаесет години, грчките бродосопственици изградиле повеќе од илјада бродови во кинеските бродоградилишта во вкупна вредност од над 50 милиони долари.
Грција е подготвена да понуди соработка и во областа на земјоделството, комуникациите, телекомуникациите, навигацијата и транспортот, можностите за извоз во поширокиот балкански регион на Јужна и Југоисточна Европа. Особено важен сегмент за Грција е туризмот и можноста веќе следната година половина милион кинески туристи да ја посетат Грција.
Исто така Грција ја продолжува и програмата „Златна виза“, преку која стотици Кинези купувајќи имоти во вредност од најмалку 250.000 евра во Грција добиваат и престој, а со тоа и полесно патување во ЕУ, кон Запад … За годинава, покрај директната линија помеѓу Атина и Пекинг се отвора лет за Шангај.
Од политичка гледна точка, стратегијата на владата во Атина е да продолжи соработката на највисоко ниво, бидејќи Грција ја смета Кина како незаобиколен фактор во решавањето на глобалните проблеми, важен фактор во Источна Азија, пријател и стратешки партнер.