Трговијата на Кина со светот следната 2022 година може да се соочи со „покомплицирана ситуација“ доколку се спореди со силното закрепнување годинава од последиците од пандемијата, предупреди денеска кинескиот министер за трговија Ванг Вентао.
-Ситуацијата ќе биде комплицирана веќе од втората половина на оваа година, нагласи Ванг на прес -конференција.
Следната година може да биде уште посложена со оглед на споредбата со силното закрепнување оваа година и постепеното слабеење на позитивните фактори поврзани со пандемијата на Ковид -19, објасни министерот.
-Пекинг ќе се обиде да ги задржи економските флуктуации во разумни граници преку контрациклични макроекономски политики, додаде Ванг.
Кина во јули беше погодена од големи поплави, а нови жаришта на Ковид-19 се регистрирани во неколку провинции. Премиерот Ли Кечијанг, исто така, предупредува на наглото зголемување на цените на суровините, што значително ги зголеми оперативните трошоци, што, пак, особено го отежнува работењето на микро, малите и средните претпријатија.
Нагласувајќи дека приоритет е вработувањето, премиерот Кечијанг најави помош преку даночни олеснувања и насоки до финансиските институции за „ефикасно“ користење на парите што се ослободуваат со намалување на задолжителните резерви.
-Поддршката за приватните компании е поддршка за вработувањето, рече кинескиот премиер.
„Пекинг, исто така, ќе бара стабилна понуда и цени преку зголемено производство, продажба на резерви и подобра регулација на клучните пазари на суровини и планира поефикасни мерки за отворање за да се зачува стабилноста на инвестициите и трговијата со светот“, додаде тој.
Извор: Reuters