Трговската размена со Грција во периодот од јануари до ноември 2020 година изнесувала 564 милиони евра, што е за 223 милиони евра помалку во споредба со истиот период претходната 2019 година. Тоа е годишен пад од 28,4%, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Во трговијата со Грција македонската економија бележи дефицит од 244 милион евра, со оглед дека во 11-те месеци од 2020 година во Грција се извезени македонски производи во вредност од 160 милиони евра, а увезени се стоки вредни 404 милиони евра.
Падот во трговската раззмена лани се должи пред се на падот на страната на увозот, кој бележи намалување од 224 милиони евра или дури 35,7%, додека извозот во истиот период е на речиси истиот период како претходната година.
Падот на увозот од Грција се должи главно на намалениот увоз на нафтени деривати заради пандемијата со Ковид 18 која драстично ја намали потрошувачката, како и на падот на цените на нафтените деривати.
Увозот на грчки производи зголемен за 52%, извозот за само 15% во изминатите пет години
Грција е важен економски и трговски партнер на македонската економија. Таа е петти најголем трговски партнер за македонската економија и седми најголем извозен пазар за македонските производи.
Но, податоците покажуваат дека во изминатите пет години далеку повеќе се зголемувал увозот од Грција, наспроти малиот раст на извозот.
Во 2019 година на грчкиот пазар биле извезени македонски производи вредни 173 милиони евра. Во периодот 2015 – 2019 година извозот е зголемен за околу 23 милиони евра или за 15%.
Во истиот период, пак, увозот од Грција е зголемен за 232 милиони евра или за 52%, односно од 601 милион евра во 2015 година на 856 милиони евра во 2019 година.
Што најмногу извезуваме во Грција?
На страната на извозот во Грција доминира лон извозот, односно извозот на суровини и полупроизводи кои потоа се доработуваат од грчката индустрија.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот јануари-ноември 2020 година од вкупниот македонски извоз од 160 милиони евра, дури 39 милиони евра или една четвртина отпаѓа на суровиот тутун.
Втора најголема ставка е извозот на железо и челик во вредност од 33,5 милиони евра. На трето место е извозот на облека и делови за облека во вредност од 22 милиони евра. Четврта најголема извозна ставка е извозот на електрична енергија во вредност од 17,4 милиони евра.
На петто место се производите од железо и челик, чиј извоз изнесувал 12,2 милиони евра во 11-те месеци од 2020 година. Меѓу поголемите извозни ставки е и мермерот чиј извоз лани изнесувал околу 5 милиони евра.
Што најмногу се увезува од Грција?
На страната на увозот од Грција доминираат нафтените деривати. Податоците покажуваат дека од вкупниот увоз од 404 милиони евра во периодот јануари-ноември 2020 година, 222 милиони евра или дури половина (55%) отпаѓа на увозот на нафтени деривати.
Втора најголема увозна ставка се полупроизводите од железо и челик во вредност од 50 милиони евра.
Трет најголем увоз се прави со плетени материјали за текстилните фабрики во вредност од 11,6 милиони евра. Увозот на производи од железо и челик во вредност од 9 милиони евра е четврта најголема увозна ставка.
Следат пластичните маси чиј увоз изнесува 8,5 милиони евра, хартија и картон со увоз вреден 8,3 милиони евра, алуминиумски производи со увоз вреден 7,9 милиони евра. Во 11-те месеци од 2020 година од Грција било увезено овошје во вредност од 7,4 милиони евра, како и 5,8 милиони евра вредни производи и преработки од зеленчук и овошје.