Вредноста на извезени стоки од Македонија во првата половина од 2022 година достигна вредност од 4 милијарди евра, што е за 20,2% или за 690 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани.
Но, најголем дел од растот на извозот се должи на зголемените цени и рекордно високата инфлација на светско ниво, бидејќи количински извозот од Македонија бележи раст од само 4,8% во споредба со истиот период лани.
Во истиот период во земјава биле увезени стоки вредни 5,97 милијарди евра, што е за 28,7% повеќе во споредба со првата половина од 2021 година.
Покриеноста на увозот со извозот изнесувала 58,6%, а трговскиот дефицит во првите шест месеци годинава достигнал 1,87 милијарди евра, што е за 52% повеќе во споредба со истиот период лани.
Најголема причина за зголемениот трговски дефицит е растот на цените на нафтата и гасот, заради што вредноста на увозот на минерални готива во првите шест месеци била речиси три пати поголема во споредба со лани, надминувајќи 1 милијарда евра, во споредба со лани во овој перуиод кога биле увезени енергенски вредни 392 милиони евра.
На страната на извозот и понатаму продолжува големата концентрација и зависност од Џонсон Мети, производителот на катализатори и апарати за прочистување на гасови и останатите производителите на автомобилски делови.
Статистиката покашува дека дури 33% од вкупниот извоз на државата во првата половина годинава или 1,36 милијари евра се остварени со извозот на хемиски производи, однсно од страна на компанијата Џонсон Мети. Вредноста на извозот на хемиски производи во првата половина годинава бележи раст од 44,6% во споредба со истиот период лани. Но, најголем дел од овој раст се должи на влијанието на повисоките ценисуровините и металите кои се употребуваат во производството на катализатори, како на пример платината и паладиумот, бидејќи количинскиот извоз на хемиски производи бележи пад од 2,5%/
Втората најголема ставка во македонскиот извоз се прави со продажбата на машини и транспортни уреди на странските пазари, чија вредност во првата половина годинава изнесува 921 милион евра и бележи пад од 17,7% во споредба со истиот период лани.
Падот на извозот се должи пред се на намалените порачки од германската и европската автомобилската индустрија кои се соочуваат со бројни проблеми во работењето заради недостигот на чипови и нарушените синџири на снабдување што резултираше со намалување производството и продажбата на автомобили.
Вредноста на извозот на железо и челик во првата половина годинава надмина 502 милиони евра и е за 52% поголема во споредба со лани, но количински извозот се зголемил за 9,3%.
Статистичките податоци покажуваат дека 43% од вкупниот македонски извоз или 1,8 милијарди евра во првата половина годинава биле насочени кон Германија. Тоа е за 6,1% повеќе во споредба со истиот период лани.
Извозот во целата ЕУ во истиот период изнесувал 3,2 милијарди евра и е за 18,5% повеќе во споредба со лани.
Извозот во земјите надвор од ЕУ во првата половина годинава бележи раст од 27%, достигнувајќи 883 милиони евра.
После ЕУ, втор најважен извозен пазар за македонската компанија годинава е Западен Балкан, каде во првите шест месеци биле извезени стоки во вредност од 470 милиони евра, што е раст од 31.9%.
Но, сепак и покрај растот, учеството на извозот во земјите од Западен Балкан изнесува само 11,4% во вкупниот извоз од земјава.