Светските цени на храната се искачија на рекордно ниво во март откако Русија ја нападна Украина

Трошоците за увоз на храна ширум светот се на пат да достигнат рекорд од речиси 2 трилиони американски долари во 2022 година, со што се зголемува притисокот врз најсиромашните земји во светот, објави денеска Агенцијата за храна на Обединетите Нации (ФАО).

Светските цени на храната се искачија на рекордно ниво во март откако Русија ја нападна Украина, клучен производител на жито и маслодајни семиња, и иако оттогаш малку се намалија, тие остануваат над високите нивоа од минатата година.

Зголемувањето несразмерно ги погодува економски ранливите земји и се очекува да продолжи да го прави тоа следната година, иако севкупната ситуација со земјоделското снабдување треба малку да се подобри.

„Ова се алармантни знаци од перспектива на безбедноста на храната“, рече Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) во својот два годишен извештај.

Увозот на храна на светско ниво се предвидува да достигне 1,94 трилиони долари оваа година, што е за 10% повеќе за една година и повисока од претходно очекуваното, соопшти ФАО.

Се забележува дека обемот на увоз на храна во земјите со ниски приходи се намалува за 10%, што укажува на растечките проблеми со пристапноста на храна.

„На увозниците им е тешко да ги финансираат зголемените меѓународни трошоци“, велат од ФАО.

Во однос на земјоделските инпути како вештачките ѓубрива, за кои е потребна многу енергија за производство, ФАО рече дека глобалните увозни трошоци ќе се зголемат за речиси 50% оваа година на 424 милијарди долари, принудувајќи некои земји да купуваат и користат помалку ѓубрива.

Ова неизбежно ќе доведе до помала продуктивност, помала домашна достапност на храна и „негативни последици за глобалното земјоделско производство и безбедноста на храната“ во 2023 година, се вели во извештајот.

Во поглед на сезоната 2022/23, Агенцијата очекува дека производството на пченица ќе се зголеми 0,6% на годишно ниво, достигнувајќи рекордни 784 милиони тони, но се очекуваат зголемувања најмногу во Кина и Русија, оставајќи ги залихите намалени за 8% во остатокот од светот.

Кај производството на крупни житарки како пченка, јачмен во меѓувреме се забележува пад од 2,8% во сезоната.

Производството на маслодајни семиња ќе се зголеми за 4,2%, а производството на шеќер се зголемува за 2,6%, предвидува ФАО.

Македонија во првите девет месеци годинава увезла храна во вредност од 642 милиони евра, што е раст од 21,9% во споредба со истиот период лани.